Седумдесет и четири адвокати го обвинија Основниот Кривичен суд Скопје дека врши директна повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во Скопје. Адвокатите бараат итно да се преиспита одлуката на претседателот на Кривичниот суд за продолжување на 308 судења.
Тие велат дека не постојат услови за почитување на забраната за истовремено присуство на повеќе од пет лица на отворен простор.
„Многумина од нас покрај клиентите во овие предмети имаме и континуиран контакт и со други клиенти, така што ги изложуваме на ризик и клиентите и нивните семејства, но и нас самите и нашите семејства“, се наведува во известувањето испратено до Судскиот совет, Врховнот суд, премиерот, министрите за правда, за здравство и за внатрешни работи како и до сите Амбасади во Република Северна Македонија
Според адвокатите, противправното и дискриминирачко постапување од страна на Основниот Кривичен Суд Скопје се гледа и во различниот третман кој се применува од страна на останатите судови на територија на Северна Македонија.
„Доколку се анализира Известувањето кое го објавил Кривичниот суд, во врска со рочиштата кои треба да се одржат во Кривичниот Суд Скопје, ќе се забележи дека се работи за вкупно 308 рочишта меѓу кои има предмети со по 10, 15, 20 и повеќе обвинети кои на истите присуствуваат со еден или повеќе бранители, што претставува голем број на лица во простории кои не се соодветно опремени, доволно пространи и за кои постојат сомнежи дали и како се дезинфицирани со потребните средства. Имено, судниците ќе бидат
посетени од најмалку 200 лица во еден ден и најмалку од 20 лица во една
судница истовремено“, велат адвокатите.
Во известувањето потпишано од 74 адвокати се наведува дека Кривичниот суд врши директна дискриминација врз нив како бранители и директно се загрозува нивното право на живот, кое пак е директно поврзано и со правата на живот на нивните семејства, односно постои неоправдан ризик по здравјето и животот на сите странки во постапките, нивните бранители и вработените во Судот.
„Заради таа цел, бараме правото на живот за нас и нашите клиенти да биде третирано со еднаков третман како и за останатите граѓани на Р. Северна Македонија, како што тоа го налага член 9 од Уставот на Р. Северна Македонија“, се вели во известувањето.
Велат дека скоро сите рочишта во изминативе 10 дена се одлагаат поради отсуство на странките во постапката заради почитување на мерките на Владата, но, како што велат, за жал поголем број на лица доаѓаат на судските рочишта само да се констатира дека се одлага рочиштето, со што, како што наведуваат, повторно сме изложени на ризик.