Граѓаните кои се во странство и сакаат да се вратат во Македонија треба сами да си ги платат авионските карти во рок од 15 дена од денот на пристигнувањето во земјава.
Владата претходно соопшти дека ќе организира авионски превоз за враќање од странство на македонски граѓани, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници.
За таа цел, ќе биде објавен јавен повик по дестинација и број на патници врз основа на доставените листи од страна на Министерството, со цел прибирање на понуди за чартер летови од градовите во Европа до Северна Македонија.
По објавување на јавниот повик, крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот. Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена.
Лицата кои ќе се пријават на повикот, при влез во авионот ќе потпишат договор помеѓу нив и Владата во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.
Лицата ќе бидат превземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.
Лицата кои ќе патуваат ќе имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите.
„Договорот помеѓу патниците и Владата на Република Северна Македонија, во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна“, соопштија од Владата.