Министерот Филипче информираше дека има уште една почината пациентка од коронавирусот. Тоа е пациентката која подолго време беше на респираторна машина, од Дебар, и покрај сите напори на лекарите, медицинските сестри и интензивната терапија, таа починала денеска.
Пациентката била на 66-годишна возраст и во историјата имала податок дека прима хронична терапија за хипертензија.
Тој информираше дека на Инфективната клиника се направени контролни тестови на четири пациенти, кои подолго време се лекуваат таму и тие контролни тестови, земени пред два дена се негативни. Од тие четири лица, три се во значајно добра состојба. Кај сите нив ќе биде земен уште еден контролен тест, согласно протоколот во текот на следниот ден, и доколку и тој тест е негативен, тројцата пациенти ќе бидат подготвени да се упатат на домашно лекување.
„Од 29-те нови случаи, пет лица се од Кожната клиника, кои после 16 дена поминати во изолација без никакви симптоми на земените материјали – тестови, со оглед на тоа што беше поминат инкубацискиот период, имаат позитивен резултат. Колегите се во добра општа состојба, практично се асимптоматски, се чека во домашна изолација периодот од 14 дена да помине и ќе продолжат да бидат во домашна самоизолација, согласно нивната состојба во интензивна комуникација со колегите од Инфективната клиника. Со оглед на тоа што во оваа група навистина има повеќе лица денеска се овие пет позитивни случаи од 30 тестирани, а во следните денови продолжуваат да се тестираат сите, поделени во групи, со испитување на резултатите од другите пациенти кои доаѓаат од другите места. Значи, поделени се луѓето во повеќе групи, во повеќе циклуси и сите тие треба да завршат во следните четири-пет дена”, посочи министерот Филипче.
Министерот Филипче се осврна и на повеќе детали во врска со пациентите и во врска со дијагностиката на коронавирусот – оценувајќи дека добро е што во многу рана фаза се откриваат дел од новодијагностицираните, дел од пациентите, за да може здравствениот систем да ја амортизира бројката на пациенти.
„Во епидемиолошка и во перспектива во смисол на терапија да се открие пациентот, за ова посебно да е носител на вирус, а да нема никакви симптоми е добро заради тоа што се преземаат дополнителни мерки. Практично, може да се подготвиме да се даде соодветна терапија. Ги анализираме искуствата од речиси сите земји во светот, стручниот тим во рамки на комисијата за заразни болести, епидемиолози, инфектолози, професори на Фармацевтскиот факултет, повеќе клиники во Скопје, интензивно комуницираме во изминатите денови. Ги анализираме сите публикации, ги анализираме искуствата кои веќе се имплементирани во дел од земјите, слушаме и за мерките во околните земји, и сметаме дека со овој начин на пристап, со детални епидемиолошки анкети, со тестирање, тогаш кога ќе помине инкубацискиот период, и со апели и со цврсти пораки дека овие мерки на самоизолација, почитување на прекинот на социјалните контакти, е најдобро што може во овој момент и треба да се направи во нашата земја”, истакна министерот Филипче.
Тој најави дека викендов или на почеток на следната недела ќе се излезе со детална статистика за тоа што досега се случува со бројот на пациенти, со јасно прикажани дијаграми како се однесуваат бројките и нормално очекувањата во рамки на можен процент на грешка, согласно анализата на епидемиолозите.
Истовремено, веќе се прави план како тоа да се направи и на лицата коишто се на домашно лекување. Таа терапија ќе се дава во болнички услови. Значи нема да им се препишува и да ја примаат дома сами за што веќе се организира систем.
Министерот Филипче апелираше до граѓаните дека пред оваа закана со вирусот сите сме еднакви и мора да се придржуваме до препораките, до правилата – затоа што доколку не се спроведуваат мерките нема да има заштитени.