Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска поднесе четири предлога за издавање казнени налози против лица кои го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите во одделни кривично правни настани не ги почитувале мерките за спречување или сузбивање на опасна заразна болест – коронавирус COVID 19 и не постапиле по определените прописи и упатства за сузбивање и спречување на заразна болест.
Еден од обвинетите пристигнал во земјава на 17 март од Република Србија патувајќи од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките бил должен во период од 14 дена да не го напушта престојувалиштето што го пријавил како место каде ќе ја спроведе задолжителната самоизолација. При вршење на контрола од страна на полициските службеници, на 18 март, не бил затекнат дома.
Двајца од обвинетите пристигнале од Република Грција на 18 март, потпишале изјави за самоизолација и биле должни да ги почитуваат здравствените прописи. Но и покрај обврската за самоизолација не биле затекнати во нивните домови на 19 март, кога надлежните служби извршиле контрола.
Четвртиот обвинет на 19 март на граничниот премин “Деве Баир“пречекал лице кое се враќало од престој во Соединетите Американски Држави. Согласно Одлуката на домашните органи, обвинетиот потпишал изјава за самоизолација поради тоа што бил во контакт со лице кое дошло од земја со висок ризик од зараза. Но при извршена контрола не бил затекнат во домот каде требало да ја извршува должноста за самоизолација.
Постапувајќи спротивно на мерките за спречување на внесување и ширење на корона вирусот, обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара изрекување парична казна во висина од по 2000 евра во денарска противвредност за секој обвинет .
Основното јавно обвинителство – Свети Николе до надлежниот основен суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против пет лица кои во изминатиот период при прогласена епидемија на опасната заразна болест „COVID 19″, не постапиле по определените мерки за нејзино сузбивање или спречување. Во одделни кривично правни настани со своите дејствија сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија” од чл.206 став 1 од Кривичниот законик.
Тројца од обвинетите пристигнале во земјава од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките биле должни во период од 14 дена да не го напуштаат престојувалиштето што го пријавиле како место каде ќе ја спроведат задолжителната самоизолација. Иако на граничните премини на кои оствариле влез во земјава, потпишале изјави за самоизолација, ги напуштиле наведените адреси и оствариле контакт со други лица.
Двајца од обвинетите (21 и 19 години) не почитувајќи ја Одлуката на Владата на Р.С. Македонија, со која со цел спречување на ширење на заразната болест, се воведува забрана на движење на подрачјето на Р.С. Македонија во временскиот период од 21:00 часот до 06:00 часот, ноќеска во 02:20 часот во ПМВ „СУЗУКИ СВИФТ” без регистерски таблички биле пресретнати од страна на полициски службеници од ОВР Свети Николе и лишени од слобода.
Со своите дејствија сите обвинети го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара судот да им изрече парична казна во висина од 98 дневни глоби и тоа за еден од обвинетите во висина на една дневна глоба од 10 евра или вкупна вредност од 60.270,00 денари, а за останатите во висина од 20 евра за една дневна глоба или во вкупна вредност од по 120.540,00 денари.