Во врска со манипулациите и дезинформациите што се појавија во одредени „медиуми“, Град Скопје ги информира граѓаните дека решенијата за данок на имот и фирмарина коишто сега поштенски пристигнуваат на нивните адреси беа испратени пред да се случи епидемијата со коронавирусот во нашата држава, но поради новонастанатата состојба НЕМА ДА ПРЕЗЕМА ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕРКИ КОН ДАНОЧНИТЕ ОБВРЗНИЦИ, за што јавноста беше навремено информирана.
Градот Скопје, согласно со одредбите на Законот за даноци на имот и Законот за комунални такси, на почетокот на месец март како и секоја година почна со процесот на достава на решенијата за данок на имот до сите физички и правни лица на територијата на град Скопје, како и решенијата за комунална такса-фирмарина до сите правни лица регистрирани на територијата на град Скопје. Истовремено, се доставија и опомени за неплатени решенија за данок на имот и фирмарина за 2019 година на сите обврзници, кои не го подмириле долгот за 2019 година, но по кои нема да се постапува се додека важат препораките на Владата.
Градот Скопје уште еднаш потенцира дека нема да презема никакви дополнителни мерки, вклучително и присилна наплата, кон сите даночни обврзници во Скопје што имаат неподмирени долгови, додека траат препораките и мерките на Владата и Министерството за здравство, а се однесуваат на спречување на ширењето на коронавирусот.