Андреас Шидер: Стартот на преговорите со С. Македонија е сигнал за единство во овие тешки времиња

Одлуката за започнување преговори за членство со Северна Македонија е одлична вест за регионот и за целата Европска Унија и е многу потребен сигнал за единство и координирана акција во овие тешки времиња, оцени австрискиот европратеник Андреас Шидер.

– Со задоволство им честитам на Северна Македонија и на сите нејзини граѓани за оваа многуочекувана одлука, нагласи Шидер, кој е претседавачот на Делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.

Како јави дописникот на МИА, Шидер истакнува дека Европската комисија и Советот потврдиле оти земјава ги исполнла сите услови за почеток на преговорите за членство.

– Земјата испорача материјални и одржливи резултати во своите реформски напори, вклучително и со постигнувањето договор за прашањето за името и со донесувањето на потребните уставни измени, како и усвојување на круцијалниот Закон за Јавното обвинителство, пред распуштањето на Собранието. Затоа сме многу задоволни што не се поставени дополнителни услови за земјата пред првата меѓувладина конференција, вели австрискиот европратеник.

Тој нагласува дека членовите на делегацијата на Европарламентот во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија сакаат да го рестартираат меѓупарламентарниот дијалог веднаш штом ќе биде конституирана делегацијата на македонското Собрание по претстојните парламентарни избори.

– Иако жално е што изборите се одложени како резултат на вонредната состојба со Ковид-19, ние остануваме уверени дека заедно ќе можеме да се соочиме со овој глобален предизвик, додава Шидер.

Тој нагласува дека ЕУ е подготвена да го поддржи Западниот Балкан со итна помош за здравствените системи и да придонесе за социо-економското закрепнување на земјите во регионот.

– Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат да стане полноправна членка на Европската Унија и очекуваме плоден и конструктивен парламентарен дијалог, вели на крајот Шидер.

Треба да знаете
Последни објави