По повод Часот на планетата Земја, утре во 20:00 часот македонските пеачи и инфлуенсери преку инстаграм сесија ќе остварат заедничка „онлајн” дружба дома, а потоа во 20:30 часот заеднички ќе ги исклучат светилките со цел испраќање силна порака за спас на планетата Земја.
-Ги повикуваме граѓаните и сите наши поддржувачи да ни се приклучат на едноипол часовниот спектакл на нашиот инстаграм профил @earthhourmk, каде што ќе имаме можност заеднички да уживаме во настапите во мрак на нашите „Некст тајм”, ДНК, Антонија Гиговска, Иван Јованов, Огнен Здравковски, Теа Трајковска, а исто така ќе можеме да поразговараме и за климатските промени со Ване Марковски, Ирена Спировска, Татјана Алексиќ и многу други, соопштија денеска од иницијативата Часот на планетата Земја и испратија апел до другите естрадни личности да го прифатат овој еколошки предизвик.
Оттаму посочуваат дека сега е време за почитување на правилата и на солидарност. Мора, порачуваат, да си се чуваме едни со други, мора да направиме нашиот глас да биде слушнат за посигурна, почиста и поздрава иднина за нас и идните генерации.
Во својата мисија, како што се наведува во соопштението, Часот на планетата Земја секогаш ја потенцира моќта на луѓето, и затоа здравјето и благосостојбата на нивните поддржувачи секогаш биле на првото место.
-Во овие тешки времиња, иако не можеме да се обединиме и испратиме порака од улиците, се уште можеме солидарно да се обединиме насекаде ширум светот, од нашите домови. Сега не е време да се откажеме, туку можност да реагираме уште покреативно, стои во соопштението.
Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 28 март, сабота, кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив е и нашата држава.
Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.