Специјалниот претставник на генералниот секретар на Советот на Европа за миграцијата и бегалци и Агенцијата за основни права на Европската унија (ФРА) денеска објавија заедничко соопштение за главните гаранции на човековите права применливи на надворешните граници на нивните земји-членки, јави дописникот на МИА.
Целта на овој документ е да им се помогне на земјите-членки на Европската унија и на Советот на Европа во извршувањето на нивните обврски при преземање на заштитни мерки, особено кога преземаат мерки за заштита од Ковид- 19, а се поврзани со прашања од здравство, јавниот ред или национална безбедност.
-Државите имаат право да го контролираат влезот на странски државјани на нивната територија, се вели во соопштението. Тие мора да ги заштитат своите надворешни граници и да го зачуваат јавното здравство и редот, но исто така имаат должност да ги заштитат основните права на луѓето. Овие заштити произлегуваат од правото на ЕУ и инструментите на Советот на Европа, како што се применуваат на надворешните граници на ЕУ, имајќи предвид дека релевантните инструменти на Советот на Европа се применуваат на сите граници.
Документот се фокусира на прашања како што се следниве:
1) Кои се должностите на земјите-членки во заштитата на нивните надворешни граници?
2) Кои треба да бидат правните лекови за прекумерна употреба на сила на границите?
3) Кои се правилата што се применуваат кога луѓето нелегално ги преминуваат границите?
4) Може ли пристапот до азил да биде суспендиран?
5) Како да се почитува принципот на невраќање назад?
6) Што може да се стори за да им се помогне на најранливите, особено на осамените деца?
Препознавајќи ја вистинската закана што вирусот КОВИД 19 претставува за животот и здравјето, како и должноста на државите да го обезбедат јавното здравје, ФРА во моментот е ангажирана во истражување за влијанието на одговорите од пандемијата КОВИД-19 на основните права што ги опфаќа сите земји членки на Европската унија. На почетокот на април се очекува извештај за ова.
Во исто време, Комитетот за спречување тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување на Советот на Европа изјави дека заштитните мерки не смеат никогаш да резултираат со нечовечко или понижувачко постапување со лицата лишени од слобода . Државите треба да продолжат да гарантираат пристап од надзорните тела до сите места на притвор, вклучително и местата каде луѓето се чуваат во карантин. Сепак, сите надзорни тела треба да ги преземат сите неопходни мерки на претпазливост за да го почитуваат принципот „да не прават штета”.