Соопштение за медиуми од Невенка Стаменковска Стојковски, дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација
Уставот дури и во вонредна состојба го гарантира правото на слобода на јавното изразување на мислата. Но државата денес ја води човек кој не верува во владеењето на правото, туку во божественото право да владее и да стои над сите човечки закони. Парламентот, судството и институциите се само декор чија задача е да ја скријат апсолутистичката монархија, давајќи површен привид на демократија. Сведоци сме на илјадници нови партиски вработувања, на сомнителни тендери на Венко со 4 пати повисоки цени од пазарните, имаме најголем број на заболени здравствени работници во регионот, катастрофално управување со јавните финансии, приватните бизниси крахираат, народот останува без егзистенција, новинари се затвораат поради критика кон Заев. И каква мерка презеде Владата?
ЗАБРАНУВА ПРАШАЊА!
Почитувани Министри и Премиере, институциите не се Ваша лична сопственост. Сите ние сме тука да одговараме и на прашања кои не ни се допаѓаат. Народот има право да ја знае вистината и има право да формира мислење врз основа на различни извори на информации. Вие не смеете ниту да помислите да го ограничите правото на одредени медиуми да Ви поставуваат прашања или пак да правите селекција на кои да добијат право да се движат во полицискиот час со цел да известуваат за ситуацијата. Искрено би сакала да можам да верувам дека одлуката на Владата и на Министерот произлегува од нивно непознавање на фактичката состојба, но сите знаеме дека ова е обид да се искористи стравот на граѓаните и моментот во кој целото нивно внимание е насочено кон состојбата со #Ковид19 за да воспостават цензура и монопол на медиумскиот простор. Ова е пример на злоупотреба на институциите во процесот на креирање на пропагандна машинерија за политичка пресметка со неистомислениците.
Целта на ваквите одлуки на Владата е да се наруши кредибилитетот на критички настроените медиуми пред јавноста и да се изврши притисок да ја сменат нивната уредувачка политика.
Здружението на новинари на Македонија и Советот за етика на медиуми како невладина, неполитичка и непрофитна организација, вршат одлична работа и регистарот кој го водат може да има значаен придонес во идните процеси за професионализацијата и унапредувањето на објективноста, непристрасноста и етиката во медиумскиот простор. Сепак овој регистар не е ниту официјален, ниту единствен Регистар на онлајн медиуми во нашата држава. Членството во истиот, како што беше посочено и од ЗНМ и СЕММ, е на волонтерска основа.
Постојат и други регистрирани онлајн медиуми кои ги исполнуваат сите законски услови и по ниедна основа не можат да бидат исклучени од дозволите за работа после 21 часот кои ги издава Министерството за информатичко општество и администрација, или пак да им се ограничи правото да поставуваат прашања на владините пресови. Тоа е пропишано во законите, тоа Ви беше посочено од АВМУ, од самото Здружението на новинари на Македонија, од меѓународната организација ИАБ Македонија, од Македонската асоцијација на новинари, од народот кој бара релевантни, точни, објективни и навремени информации. Вашата неспособност да воспоставите сеопфатен регистар на медиуми кој во моментов е неопходен ја надополнувате со вашиот талент за политички игри и манипулации.
Почитувани,
Уште еднаш апелирам да надвладее разумот во овие моменти. Ги повикувам сите членови на медиумската заедница да покажат солидарност и заеднички да се спротистават на селективноста и демонизацијата на одредени медиуми од страна на Владата. Ја повикувам Владата веднаш да ја измени донесената одлука и да обезбеди целосна транспарентност и еднаков пристап и услови на сите медиуми во Република Македонија. Неопходна е доследна и транспарентна примена на медиумската регулатива и обезбедување на услови за самостојни и независни медиуми, медиумска слобода и медиумски плурализам.
Бидејќи ова би можело да има негативни последици врз понатамошните евроинтегративни процеси, доколку Владата не постапи веднаш, моја должност како Дополнителен заменик на Министер за информатичко општество и администрација ќе биде да ги алармирам сите меѓународни организации и партнери на Република Македонија. Политичката, медиумската и општествената поларизација водат кон влошување на ситуацијата и продлабочување на кризата. За нејзино надминување неопходно е да се искористат сите достапни човечки, материјални, финансиски и информативни ресурси на државата.
Порачувам на медиумските работници дека во мене имаат партнер и соборец. Нема да дозволам медиумско сивило. На Владата би порачала да подготват одговори на прашањата што се уште ги поставуваат медиумите, бидејќи наскоро институциите ќе профункционираат и ќе одговараат пред надлежните.