Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе предлог за издавање казнени налози против четири лица кои го сториле кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија” од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
– На 24-25.03.2020 година, во периодот од 21 часот до 00:30 часот, за време на епидемија – пандемија на опасната заразна болест коронавирус – Ковид 19, двајца од обвинетите не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување, според Одлуката за забрана и посебен режим на движење донесена од Владата на Република Северна Македонија. Тие биле предупредени од полициски службеници кај викенд населба на планината Плачковица за забраната на движење, но се упатиле по регионалниот пат кон Радовиш. На даден знак не застанале на полициска контрола кај село Шипковица, ниту пак застанале на полициска контрола кај село Раклиш. Потоа со возилото удриле во бетонски зид кај ГП Техника и без да застанат продолжиле да се движат по регионалниот пат кон село Ораовица, каде во 00:30 часот од страна на полициски службеници биле пронајдени во нивниот дом. За стореното кривично дело, Обвинителството му предложи на Судот, на обвинетите да им изрече парични казни во висина од по 100 дневни глоби, секоја во висина од по 10 евра во денарска противвредност, соопшти Јавното обвинителство.
Третиот обвинет пак на 25-ти овој месец, во 00:50 часот во Радовиш, не постапил според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на коронавирусот, бидејќи во време на забрана на движење на населението од 21 до 5 часот, со возило се движел по градот. Основното јавно обвинителство Радовиш предложил на судот на обвинетиот да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја во висина од по 5 евра во денарска противвредност.
Четвртиот обвинет го сторил делото на 24-ти овој месец, во 22:45 часот во село Раклиш, Општина Радовиш, кога за време на полицискиот час, со возило се движел по регионалниот пат Радовиш – село Раклиш. Паричната казна која е предложена до судот за овој обвинет е во висина од 100 дневни глоби, секоја во висина од по 5 евра во денарска противвредност.