– Премиерката на Белгија, Софи Вилмес, по средбата на Советот за безбедност, најави дека владата донесе одлука да се продолжат мерките на изолација на населението до 18 април, со можност за дополнително продолжување до трети мај доколку не се смири пандемијата до тогаш, јави дописничката на МИА во Брисел.
Премиерката призна дека економските последици ќе бидат огромни, но дека во овој момент главен приоритет е јавното здравје.
Владата порача дека од сега построго ќе се применуваат и рестриктивните мерки, со поголеми казни кои ќе се издаваат на лице место за тие кои ги прекршуваат мерките.
Одлуката е донесена откако е поднесен извештајот на белгискиот центар за управување со кризи.
Белгија последните денови бележи значаен раст на бројот на заразени со коронавирусот.
-Премногу е рано да се каже дека епидемијата е под контрола, напорите туку што почнуваат, изјави Вилмес.
Се потсетува населението дека се дозволени само куси прошетки надвор, блиску до својот дом и само за физичка активност или купување есенцијални намирници, исклучиво со луѓе со коишто живеат и да држат безбедна дистанца едни од други.
Полицијата има право да ги контролира и проверува граѓаните кои ќе ги сретне на улица, како и да ги казни. Граѓаните се предупредуваат дека треба да ги чуваат со себе фискалните сметки во случај на полициска контрола. Граѓаните не смеат да патуваат далеку од својот дом, ниту да седат во паркови или шуми.
Компаниите, кои немаат суштинска економска активност како транспорт, здравство, итн,., мораат да им обезбедат на своите вработени да работат од дома, во спротивно исто така ќе бидат казнети.
Според експертите, иако Белгија сѐ уште не го надминала својот капацитет во однос на болничките кревети на интензивна нега, ризикот е голем тоа да се случи во наредните недели.