Кинеските власти соопштија денес дека се пријавени 55 нови случаи на коронавирус, но 54 се увезени, односно станува збор за луѓе кои пристигнале од странство.
Во Вухан, каде во декември лани првпат се појави вирусот, нема нови случаи.
Бројот на заболени во Кина е 81.340, а бројот на смртни случаи 3.292. Излекувани се 74.588 лица.
Кина не регистрира речиси ниеден локален пренос на коронавирус изминатата недела, но бројот на увезени случаи се зголемува. Поради тоа земјата им забрани влез на повеќето странци. Оние со дипломатски и деловни визи нема да бидат засегнати од забраната, а странските државјани што пристигнуваат во Кина за економски, трговски, научни или технолошки активности, сепак ќе може да аплицираат за виза.
Мерките се спротивни на претходната позиција на Кина во поглед на затворање на границите. Пред неколку недели Пекинг ги обвини земјите кои забранија влез за патници од Кина.
Светската здравствена организација (СЗО) советуваше да не се воведуваат ограничувања за патувања во моментот на појавата на коронавирусот.