Канцеларката Меркел, претседателот Макрон и останатите 25 лидери не земјите членки од европското семејство, им одадоа признание на граѓаните на нашата земја за постигнатиот напредок, ја истакнаа посветеноста и визионерското лидерство на Владата и ги поздравија забележителните реформи. Ова не е подарок, туку валоризација за нашата посветеност и потврда за постигнатиот успех на државата, истакна заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во објава на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Во овие исклучително тешки околности за сите нас, за Европа, за целиот свет, исправени пред здравствениот предизвик и економските последици од него, дополнува Жерновски, лидерите на ЕУ одлучија да почнеме преговори за членство во новното семејство.
-Ова е победа над сите оние внатре и оние надвор, кои правеа се’ за да не успееме. Ова се историски мигови за нас и за нашата татковина. Март 2020 година ќе остане длабоко и засекогаш врежан во меморијатата на македонскиот граѓанин. Поради сонот на многуте генерации пред нас, кој стана јаве-да биде нашата држава полноправна членка на НАТО и да биде пред портите на ЕУ, но и поради вонредната состојба предизвикана од пандемија со глобални размери и битката за победа над истата.Како што од Втората светска војна научивме корисни лекции, каде потребата од создавање на една унија во Европа е една од нив, така и од битката против корона вирусот ќе научиме нова лекција- дека наместо ИЗОЛАЦИЈА, неопходна ни е ИНТЕГРАЦИЈА, за заеднички да ги совладаме предизвиците на новиот век. Се разбира, не само здравствените, порачува Жерновски
Затоа, истакнува, е многу важно да знаеме дека утре, кога повторно ќе го слушнеме детскиот џагор во градинките и училиштата, кога студентите ќе продолжат на своите факултети, кога пак ќе ги наполниме театрите и кината, кога рестораните ќе почнат одново да ги примат старите и нови гости и кога на синото небо повторно ќе летаат белите авиони, нашата држава ќе биде веќе членка на НАТО и посветен преговарач за членство во ЕУ. – Тоа значи само едно- напредок за државата, напредок во образованието и науката, значи поквалитетно здравството и постабилни економски текови, но и поефикасно судство.
Со еден збор, подобар живот за нашите граѓани. Честито, граѓани наши!, напиша Жерновски.