Зад изгласанта недоверба на косовската влада предводена од Албин Курти според медиумите во регионот и на западноевропските земји се крие битката за превласт на премиерот и претседателот Хашим Тачи. Според германски „Зидојче Цајтунг“ иницијална каписла за падот на владата бил потегот на Курти да го разрешил министерот за внатрешни работи Агим Велиу од коалициониот партнер Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), откако тој побарал да се прогласи вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот, со што Тачи би добил моќни овластувања. Во позадината на оваа битка според медиумите се кријат САД од едната страна кои го поддржуваат Тачи и Европа која му подаде рака на Курти за надминување на проблемот со Белград.
Според „Зидојче“ конците за уривањето на Курти ги влечел Ричард Гренел, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за косовскиот проблем како и координатор на сите американски тајни служби. Работата била забрзана откако Курти не ги послушал советите од САД. Според весникот Курти со своите постапки ги налути Американците кога тој одбил веднаш и без одложување да ги повлече таксите врз српската стока. На Косово му се закануваше укинување на американската економска помош, дури и затворање на воената база Бондстил.
-Во суштина, оваа борба за моќ е за курсот што треба да се преземе во преговорите со Србија за признавање на независност. Курти се залагаше гласот на парламентот да се слушне повеќе. До сега, разговорите ги водеше претседателот Тачи, кој, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ, пред две години ја започнаа идејата за размена на територии по етнички линии, пишува Зидојче.
Весникот пренесува дека оваа идејата била отфрлена од европските земји, пред се од Германија, но дека Вашингтон водел поинаква политика.