– Претседателот Стево Пендаровски во денешната видео-изјава во однос на формалното зачленување на земјата во НАТО Алијансата, нагласи дека станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина.
– Во овие денови на искушенија кога сме свртени кон своите најблиски, нашата држава направи клучен чекор кон остварување на стратешката цел за влез во Европската Унија. Лидерите на земјите-членки потврдија дека треба да ги почнеме преговорите со Унијата. Европската Комисија ќе пристапи кон дефинирање на преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција ќе се случи во најскоро можно време. Овој момент го чекавме повеќе од 15 години. Одлуката е јасна и без дополнителни услови. Таа е потврда за спроведување на неопходните реформи, но и за значајните компромиси што ги направивме во духот на европските вредности, потенцираше претседателот.
Тој нагласи дека во претстојниот период не очекува макотрпна работа.
– Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство. Оттука, по надминувањето на кризата со епидемијата очекувам надлежните политички фактори да ги насочат сите капацитети кон што поскоро остварување на крајната цел, рече Пендаровски.
Тој упати честитки до сите кои кои во текот на изминатите години работеле на европска иднина на земјата.
– На повеќе генерации политичари, на стручните лица во администрацијата, на граѓанскиот сектор за јавните дебати за важни прашања и за постојаниот мониторинг на работата на институциите, но, пред се, на граѓаните за постојаната висока поддршка за нашето членство во Европската Унија, се заблагодари Пендаровски.
Претседателот наведе дека денеска упатил и писма на благодарност до лидерите на земјите-членки на ЕУ за искрената поддршка во континуитет.
– Пред три дена со најавениот пакет на економска помош и конкретно се уверивме во европската солидарност уште пред да станеме полноправна членка на организацијата и тоа во период кој е тежок и без преседан за сите на континентот, без исклучок, посочи Пендаровски.