Велат дека интензивно работат на концептите за репрограмирање на кредитната изложеност на физичките лица и на фирмите кои ги исполнуваат критериумите од Уредбата, која беше донесена од страна на Владата.
Најавуваат дека деталите за олеснувањата и новите договорни услови ќе бидат објавени наскоро, штом завршат интерните приспособувања на системите на банката.
Понудите за физичките и правните лица ќе бидат објавени на веб-страницата на банката www.ohridskabanka.mk, а исто така ќе биде и прецизно објаснет начинот за постапување во однос на понудите.
Додаваат дека како финансиска институција со одговорност кон своите вработени, кон клиeнтите и кон економијата во целина, веќе имаат воведено низа мерки со кои се обидуваат да понудат низа олеснувања за своите клиенти.
Уредбата со која се утврдува како банките и штедилниците можат во текот на вонредната состојба, на граѓаните и фирмите да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности со кои ќе им го олеснат сервисирањето на кредитите за време на корона-кризата, ја донесе Владата завчера.
Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, со цел во текот на вонредната состојба, поедноставно и побрзо да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите кои заради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални тешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците.
Како што наведоа Народна банка и Министерството за финансии, Уредбата овозможува промената на договорните услови за кредитите да се изврши побрзо и поедноставно, без да се загрози јавното здравје – без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите.
Според Уредбата, банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни условии без претходно да имаат добиено барање од засегнатите клиенти, и тоа преку објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите и/или одделно известување на клиентите, преку електронска и/или писмена комуникација.
Со Уредбата е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката или штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена.
За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица, пак, ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со Уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена.
Останува правото на кредитокорисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа, при што предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација.
Во согласност со донесените регулаторни измени, банките и штедилниците, на засегнатите граѓани и фирми ќе можат да им понудат одложување односно грејс-период за отплата на кредитите, пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период и пониска каматна стапка и сл.
Ова важи за потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити итн., кредитни картички, дозволено пречекорување (одобрен минус) и кредити на фирмите.
Покрај олеснување на договорните услови за кредитите во банките и штедилниците, граѓанска иницијатива почна петиција за олеснување на условите и за кредити во нефинансиските друшта.