– Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 30. седница на која како прва точка го разгледа и усвои записникот од Дванаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19, одржан на 27 март 2020 година.
Како една од точките на овој состанок, на оваа седница на Владата ја разгледа и усвои Информација за регионалните и ЕУ активности со цел олеснување на транспортот и трговијата на стоки по појавата на пандемијата со Ковид-19 и за прифаќање на Заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во Западен Балкан и помеѓу Западен Балкан и земји членки на Европската Унија.
Согласно оваа информација Владата ги задолжи канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија во соработка со Министерство за финансии – Царинската управа, Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за земјоделство и водостопанство и Министерството за транспорт и врски да ги координира активностите поврзани со имплементација на мерките содржани во Заедничкиот предлог на Секретаријатот на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА.
Заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во Западен Балкан и помеѓу Западен Балкан и земји членки на Европската Унија, има за цел да ја олесни трговијата и транспортот на стоки со преземање единствено на дополнителни мерки на претпазливост, кои што се, или кои треба да бидат преземени, за да се обезбеди дека нема да дојде до избувнување Ковид-19. Царината и другите контроли на стоки во легитимната трговија остануваат под трговските правила на ЦЕФТА и правилата што произлегуваат од договорите за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и регионалните партнери.
Како што се посочува во соопштението од прес-службата, на оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за изменување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Северна Македонија, која ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, и која утврдува дека отплатата на главницата на обврзницата за надоместување на селективните кредити на Народна банка на Република Северна Македонија ќе се изврши на 1 април 2021 година.
Продолжувањето на рокот за отплата на обврзницата утврден со оваа Уредба е со цел средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година наменети за отплата на обврзницата да се искористат за справување со последиците што корона вирусот ги има врз економијата во земјата.
Владата на Северна Македонија денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа за време на вонредна состојба, со која се овозможува активностите за донесување и доставување на Годишните сметки на единиците на локалната самоуправа и периодичните финансиски извештаи да бидат одложени за време на траењето на вонредната состојба.
На оваа седница, како што се посочува, Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба, со која даночните обврзници имаат можност фактурите, покрај во хартиена форма, да ги издаваат и во електронска форма. Ова е со цел да се олесни работењето на даночните обврзници, како и да се спречи користењето на хартија со цел намалување на ризикот од ширење на коронавирусот Ковид-19.
Денеска е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита и спасување за време на вонредна состојба за координирање на работата на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје).
Уредбата утврдува дека за време на траење на вонредната состојба координирањето на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје) се врши од страна на координативно тело кое го сочинува главен координатор, заменик на главниот координатор и членови на штабот.
Главен координатор на координативното тело е заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од известување до Генералниот секретар на Советот на Европа за отстапување на Република Северна Македонија од одредени членови на Европската конвенција за човекови права, согласно чл.15 од конвенцијата, а како последица на пандемијата Ковид-19.
Воведувањето на вонредна состојба во Република Северна Македонија и мерките донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на пандемијата на територијата и за справување со здравствените ризици влијаат на уживањето на правата гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи. Конвенцијата, сепак, овозможува повеќе права и слободи да бидат ограничени врз основа на законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите.
Оттука, заштитата на здравјето претставува легитимна основа за ограничување на наведените права со цел да се овозможи да се преземат мерки за справување со сериозните ризици по здравјето на населението или на поодделни делови на населението, под услов да бидат: засновани врз закон, неопходни во демократско општество и посебно насочени кон превенција на болест или грижа за болни лица.
На оваа седница Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за локалната самоуправа за време на вонредна состојба, со која донесувањето на буџетот и годишната сметка на буџетот на единиците на локалната самоуправа се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.
Владата, се посочува во соопштението, денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примената на Законот за јавните претпријатија за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека вишокот на средствата кои се остварени од работењето на јавните претпријатија основани од Владата, се уплаќаат во буџетот на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија, согласно оваа уредба, ќе носи одлука за распоредување на средствата на правните лица со потешкотии во работењето кои покажуваат финансиска загуба предизвикана од вонредната состојба, врз основа на претходно утврдена листа.
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои информацијата во врска со можностите на Министерството за локална самоуправа за учество на конкретни активности согласно планот на Министерството за здравство за справување со состојбата од настанатата епидемија.
Согласно оваа информација, Министерството за локална самоуправа, во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка, преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, ќе обезбедат набавка на средства за кои Министерството за здравство ќе ги утврди како итни и најнеопходни.