Поштенските услуги во настанатите ограничувања со коронакризата се меѓу клучните канали за поврзување на граѓаните, администрацијата и за поддршка на бизнисот. Ако кај меѓународните пратки има ограничувања поради укинатиот авионски превоз, нема проблеми за користење на внатрешниот поштенски сообраќај. Некои од приватните оператори бележат пад на побарувачката на услугите за 30 – 40 проценти поради што им порачуваат на граѓаните да се охрабрат по примерот на останатите држави и да ги користат поштенските услуги. Тоа ќе помогне да останат дома и заштитени од ширењето на вирусот.
АД „Пошта на Северна Македонија” веќе работи на изнаоѓање нови канали за отпрема на пратките во меѓународниот поштенски сообраќај. По затворањето на аеродромот во Скопје од 18 месецов има привремен прекин во приемот на пратки од меѓународен сообраќај за сите држави, за кои отпремата се врши по авионски пат, со исклучок на соседните држави. За Албанија, Грција, Србија, Бугарија и Косово постои можност за прием и отпрема на пратки, бидејќи размената на поштата со нив е по сувоземен пат.
Од националната Пошта информираат дека за наоѓање нови канали за отпрема на пратките во меѓународен поштенски сообраќај се во постојан контакт со соседните држави, а за помош се обратиле и до Меѓународното биро на Светскиот поштенски сојуз.
Периодов се случуваат нарушувања во глобалната поштенска мрежа поради затворањето на аеродромите низ светот, а состојбата се менува на дневна основа, велат од Пошта на РСМ, операторот со индивидуална дозвола за задолжителната универзална услуга во поштенскиот сообраќај и екслузивно право за кореспондеција во внатрешниот поштенски сообраќај и пратки кои пристигнуваат во државава од меѓународен поштенски сообраќај со тежина до 50 грама.
Александар Милошевски, сопственик на операторот Пост експрес Македонија, за МИА изјави дека според нивните првични пресметки побарувачката на услугите е намалена за 30 – 40 проценти, но се надеваат на промени во следните два месеца.
– Очекуваме уште поголем пад во април. И покрај тоа што сите претпоставки во светски рамки во државите погодени со коронакризата се дека ќе се зголеми побарувачката, кај нас не е случај од едноставна причина што народот е исплашен и нивото на култура за купување онлајн не е толку високо како во останатите држави. Се надеме на промена во април и во мај, месеци што ќе бидат исклучителен предизвик за да опстоиме на пазарот за сите нас како приватни поштенски оператори, изјави Милошевски.
Мерките што ги презеде досега Агенцијата за пошта за намалување на негативното влијание на кризата, како што вели, се сосема во ред, но на приватните оператори им е потребна помош од државата во услови кога сè уште не е либерализиран пазарот. Тоа би можело да се направи, меѓу останатото, со укинување на ДДВ за приватните оператори, давачка што ја нема државната Пошта.
– Бараме финансиска поддршка и за полесно да функционираме во рамките на полициски час и ограничувањата за луѓето и како оператори да помогнеме граѓаните што повеќе да ги почитуваат условите да останат дома, рече Милошовски.
Граѓаните, истакнува, не треба да се плашат, доставата е апсолутно безбедна и сите се со заштитна опрема, маски, ракавици, дезинфекциски средства. Во таа насока упатува на податокот дека успешно реализирале хуманитарна акција, во соработка со Црвен крст, за достава на овошје во Дебар, каде што е прогласена кризна состојба. И покрај сè, Милошовски се надева дека ќе ја пребродат кризата и ќе ја завршат со ист број вработени и подобри плати.
Според Билјана Аврамовска Ѓореска, директорка на Агенцијата за пошти, ова регулаторно тело презема мерки за намалување на негативното влијание врз поштенскиот сектор и заштитата на правата на корисниците. Ги следат сите активности на давателите на поштенски услуги, кои се во насока на заштита на животот и здравјето на корисниците на услугите, како и на вработените во поштенскиот сектор. Во постојана комуникација се со ресорното Министерство за транспорт и врски, приватните даватели на поштенски услуги и Пошта на Северна Македонија.
Во следниот период се очекуваат отстапувања во обезбедувањето на поштенските услуги, особено во роковите за достава, како и во начинот на достава на поштенските пратки при обезбедување на поштенските услуги, за чие врачување е потребен потпис од примателот на пратката. Додека се во сила мерките, приговорите од корисниците, за пречекорување на роковите за достава од давателите на поштенски услуги, нема да бидат предмет на разгледување во Агенцијата за пошти, изјави за МИА Аврамовска Ѓоревска.
За оперативно олеснување на работењето на давателите на поштенски услуги, во услови на вонредна состојба, Агенцијата за пошти го одложи почнувањето прекршочни постапки кон давателите на поштенски услуги, редовните надзори, поведувањето постапки за присилна наплата (извршување) на годишниот надомест спрема давателите на поштенски услуги кои не го платиле, како и издавањето каматни листи за казнена камата, за задоцнето плаќање на годишниот надоместок. Тие мерки ќе се применуваат сè додека трае прогласената вонредна состојба поради панемијата со вирусот Ковид 19.
– Во новонастаните околности, во кои се ограничени можностите за непосреден контакт меѓу луѓето и нивното движење, Агенцијата за пошти им оддава особено признание на вработените во АД Пошта на Северна Македонија, како и на вработените во сите лиценцирани приватни поштенски оператори, укажувајќи на значењето на поштенскиот сообраќај за физичката достава на документи и стока преку поштенски пратки. Ова особено што поштенските услуги во вакви околности претставуваат клучен канал за поврзување на граѓаните, администрацијата и поддршка на бизнисот, истакнува директорката на Агенцијата за пошти.
На поштенскиот пазар во државава, според последните официјални податоци, работат 41 лиценциран давател на поштенски услуги, од кои 40 фирми со општо овластување за обезбедување поштенски услуги, како и АД Пошта на Македонија Скопје, со индивидуална дозвола за обезбедување универзална услуга.
Со оглед на промените во работното време од АП апелираат за разбирање, затоа што, како што велат, се вложуваат напори поштенските услуги да се завршат на сигурен и безбеден начин за сите.
Лидија Велковска