Пентагон објави дека бројот на заразени морнари од коронавирус на носачот на авиони „УСС Теодор Рузвелт“ за само два дена се зголемил од три на 25.
Американската морнарица очекува натамошно зголемување на овој број, а некои аналитичари сметаат дека Стејт департментот не сака да го каже вистинскиот број на заразени бидејќи Кина и Северна Кореја би можеле да ја искористат ранливоста на бродот за воени маневри.
Бродот, во кој има 5.000 членови на екипажот, итно ќе се вкотви во пристаништето на американската територија Гуам, но на никој од морнарите нема да му биде дозволено да го напушти пристаништето.
Не е познато како точно вирусот пристигнал на бродот, но веројатно го донел некој од морнарите за време на престојот во Виетнам каде пред две недели бил укотвен „Теодор Рузвелт“. Морнарицата забрзано работи на изолирање на заразените лица на бродот, а Пентагон вели дека целиот екипаж ќе биде тестиран што е можно поскоро.
Во моментов има 280 случаи на инфекција со коронавирус во американската војска, од кои 133 се во морнарицата. Пентагон во средата нареди 60-дневна забрана за заминување на американските трупи на мисии низ целиот свет.