Во Србија во изминативе 24 часа, од 371 новотестирани, позитивни на коронавирусот биле 131 лице, со што вкупниот број на заразени се искачи на 659 лица, изјави на денешната владина прес-конференција министерот за здравство Златибор Лончар. Како што јави дописникот на МИА од Белград, вкупно се хоспитализирани 334 заболени, од кои 49 лица се водат како тешки случаи и ставени се на респиратор, од кои девет пациенти се во критична состојба.
Лончар рече дека денеска се евидентирани и два нови смртни случаи – пациентка на Инфективната клиника во Белград и пациент стар 57 години, кој починал во Ниш, со што вкупната бројка на починати во Србија изнесува 10 лица.
– Држвата направи се што можеше, но однесувањето на граѓаните кои шетаат по парковите и улиците ме плаши, не сфаќаат дека сите тие се сериозни кандидати на коронавирус, рече Лончар кој најави дека забраната за движење ќе биде продолжена за време на викендите и ќе важи од 15 часот, наместо како и досега во работните денови од 17 часот.
Како што вчера најави премиерката Ана Брнабиќ, во рамките на „офанзивата против коронавирусот” денеска во 8 часот во карантин на Белградски саем требаше да бидат примени првите полесни случаи на заболени лица, а деновиве ваквите случаи ќе почнат да се примаат и на Новосадскиот саем и во спортскиот центар „Чаир” во Ниш.
Утре, на постарите од 65 години, согласно забраната за движење, ќе им биде дозволено од 04-07 часот да излезат од своите домови, да можат да се снабдат со неопходните намирници, за што ќе бидат отворени 3.100 продавници.
– За еден или два месеца, доколку се почитуваат мерките, епидемијата на Ковид-19 во Србија ќе тргне во надолна линија, а кога четири последователни дена ќе биде забележан пад на нови пациенти, ќе бидат потребни уште 28 дена претпазливост, изјави за „Новости” д-р Пенг Џичијанг, водач на тимот на лекари од Кина кој дојде во Србија да помогне во борбата против епидемијата.