Импровизација на компас со стрелки под агол од 180 степени кои на едната страна го покажуваат НАТО, а на другата Европската Унија (ЕУ) е поставен пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како најнова герила акција во главниот град по неколкуте во изминатите недели.
Поставувањето на компасот пред опозициската партија е симболична порака за следење на курсот по кој се движи земјата. Македонија со вчерашното депонирање на Инструментот во Стејт департментот во Вашингтон и официјално стана 30 членка на Алијансата. За понеделник (30 март) е најавено подигнување на македонското знаме на јарбол пред седиштето на НАТО во Брисел, но и пред две други команди.
Европските шефови на држави и влади, во четвртокот на редовниот пролетен самит на Европската Унија го потврдија отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, според заклучоците од последниот Совет за општи работи на ЕУ на 24 март.
На 24 март, министрите за европски прашања на земјите од ЕУ одобрија почеток на преговори со Македонија и со Албанија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека Европската комисија ќе ја забрза работата и многу брзо ќе создаде преговарачка рамка за што побрзо да почнат преговорите, без да се прецизира датумот за првата меѓувладина конференција која официјално го означува стартот на процесот.