Промена на стражата на претседателската гарда на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент во строгиот центар на Атина. Пролетно, сончево попладне, 15 часот. Време кога најчесто на улицата (непрописно) се паркирани туристички автобуси, а десетици туристи уживаат во една од атракциите што ги нуди грчката престолнина. Освен туристите, уживаат и Грците. Најчесто. И во нормални услови. Но, не и сега. Во време на пандемија на Ковид-19 и во период на целосна забрана на движењето во Грција, Евзоните се сами.
Рутинската промена на стражата е без „публика”. Присутна е само дописничката на МИА од Атина, поради работните обврски, како и двајца случајни минувачи кои фрлаат поглед додека џогираат.
Атина е еден од градовите за кои може слободно да се каже дека никогаш не спијат, со голем спектар на настани, манифестации, концерти, изложби за сите вкусови, за сите возрасти и за сите годишни времиња. Центарот на градот и историските обележја се секогаш полни со туристи од сите делови на светот, но и со Грци.
Од понеделникот, Атина е тивка и празна како никогаш досега. Дури и во најтоплите августовски денови кога температурата е над 40 степени, грчката престолнина не ја губи живоста. Сега, целосно замре.
Плоштадот „Синтагма” пред грчкиот Парламент, улицата „Ерму” со голем број продавници, плоштадот „Монастираки”, познат по малите таверни со традиционалното грчко гиро и поглед на Акропол, малата населба Плака под Акропол, се дел од локациите во Атина кои сега, по ништо не потсетуваат на речиси деноноќната врвулица од луѓе.
Прошетката по празните улички, буди измешани чувства. Владее застрашувачка тишина. Единствено се слушаат чекорите и гулабите. Дури и бездомните кучиња се мирни.
Луѓето во центарот на Атина се бројат на прсти. Полицајци, граѓани кои ги изнесле на прошетка нивните кучиња, оние кои мора да одат на работа, луѓе што џогираат и новинари.
Во останатите атински населби, сликата е малку поразлична, но само за нијанса. Се забележува поголема раздвиженост, но во никој случај не може да се спореди со претходните викенди.
Интензивно е и полициското присуство, особено на големите булевари, поради засилените контроли за почитување на забраната за движење.
Полицајците од општинската полиција со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, велат дека веќе сите граѓани кои излегле од дома, навистина имаат причина за тоа и ги поседуваат потребните потврди.
Проверки се вршат и на пешаците. И на новинарите. Потврдата од медиумот, документот за лична идентификација, заштитните ракавици и заштитната маска, заедно со прес картиците, сега се задолжителна „опрема” за новинарските екипи.