ИНТЕРВЈУ ЗАЕВ: Во буџетот ќе недостигаат 2,2 милијарди евра, сега сите мора да стиснеме заби

Подобро сите да стиснеме заби два месеци, со цел секој да може да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите. Вака лидерот на СДСМ ги правда предлог мерките за надминување на економската криза од коронавирусот, кои неговата партија минатата недела јавно и ги соопшти на јавноста, а сега очекува за нив да се изјасни и Владата. Во интервју за Фактор, Зоран Заев, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, искрено говори дека поради кризата, во буџетот на земјава се очекува приходите да се намалат за 60 отсто, што може да значи недостиг од 2,2 милијарди евра. Дури и државата да најде 1,2 милијарди евра преку кредити, една милијарда евра мора да се обезбеди од дома, преку заштеди. Затоа се неопходни овие мерки, меѓу кои намалување на платите на функционерите, но и на сите вработени во јавниот сектор до ниво од минималната плата од 14.500 денари. Заедно со другите предложени мерки, меѓу кои и обезбедување од Владата по една минимална плата за април и мај за вработените во фирмите погодени од крзата, бескаматните кредити, по 7.000 денари помош за домаќинствата чии членови немаат работа или се ангажирани во неформалната економја…, лидерот на СДСМ верува дека е мжно да се преброди првиот удар од кризата. Во интервјуто тој вели дека очекува Владата да ги прифати овие предлози, за кои нагласува дека се само првични и ќе следуваат и нови…

Излеговте со серија мерки, кои, како што рековте, партијата ги подготвила во соработка со врвни експерти. Во јавноста, сепак, најмногу одекна и доминира најавата за кратење на платите на целата администрација. Зошто таков радикален чекор, над 100 илјади луѓе да ги сведете на минималец од 14.500 денари?

Заев: Сите наши капацитети и целиот фокус е насочен кон заштита на здравјето на граѓаните и успешно соочување со економските последици од оваа глобална здравствена пандемија. Свесни за сериозноста на ситуацијата, а во духот на солидарноста секој да го понесе товарот за економската криза да трае што пократко, како одговорна партија, како одговорни политичари, подготвивме пакет на сериозни економски мерки.

Целта на овие мерки е да се сочува секое работно место, да им се помогне на работниците, на стопанствотото, на граѓаните и да обезбедиме приход за секој човек. Мерките имаат за цел навремено да им помогнеме и на фирмите, да ја задржиме нивната ликвидност, за да нема отпуштања на работниците и да обезбедиме приход за сите граѓани. Ова ќе ја одржи јавната потрошувачка, но и приходите во буџетот.

Првичната помош е околу 200 милиони евра и ова е само првиот дел од пакет мерките. Имаме мерки за секоја фирма, да не ги отпушта работниците, државата да помогне со 14.500 денари минимална плата.

Свесни сме дека плаќањето на кредитите  преставува проблем во овој период и токму поради тоа имаме и мерки за одложување на плаќањето на кредити на најмалку три месеци. Се запира и извршувањето.

Вториот дел од предложените мерки се однесува на заштедите, бидејќи, за справување со последиците од економската криза поради коронавирусот ќе бидат потребни и мерки за штедење, бидејќи ќе недостасуваат средства.

Ние оваа економска криза ја дочекуваме на здрави нозе. Во изминатите 2,5 години, преку нашите мерки, успешно ја стабилизиравме македонската економија. Од -1,8 отсто во време на ВМРО-ДПМНЕ, економијата, преку политиките на СДСМ порасна на 3,6 отсто.

Граѓаните мора да знаат дека поради мерките за заштита на здравјето и спречување на ширење на вирусот економиите во целиот свет се во тешка состојба. Вчера беше прогласена и светска рецесија.

Јас знам дека нема да биде лесно, но ние во повеќе наврати во овие 2,5 години покажавме дека можеме да се носиме со сериозни предизвици и ќе покажеме дека можеме да се носиме и со овој глобален предизвик.

Поради мерките за заштита на граѓаните, приходите на државата паднаа драстично и ние имаме обврска пред граѓаните да го кажеме тоа, да се знае, но во исто време и да предложиме мерки за амортизација.

Според наши проценки, ќе недостигаат околу 60 отсто од приходите на државата, бидејќи граѓаните не трошат, некои фирми се затворени на одредено време или хибернираат, транспортот е преполовен и нема толкава наплата на ДДВ. Не се плаќаат ниту дел од сметките, бидејќи граѓаните штедат за нивното здравје. Сите овие работи што ги набројав имаат значително влијание на буџетот на државава.

Намалување за 60 отсто на приходите може да значи недостаток на 2,2 милијарди евра за да ги финансираме сите расходи проектирани во Буџетот. Ние и да најдеме 1,2 милијарди преку кредити, сепак ќе треба да скратиме и една милијарда од дома. Тоа е реалноста и јавноста и граѓаните треба ова да го знаат.

Мерките за намалување на платите во јавниот сектор, почнувајќи од премиерот, министрите, директорите, за кратење на непродуктивните трошоци се само еден дел од чекорите за справување со кризата, која ако потрае сигурно ќе не натера и на други чекори.

Но тоа е солидарноста, сите заеднички да го понесеме товарот. Оние со повисоки примања солидарно ќе се откажат од поголем дел од платите, оние со помали примања од помалку.

Но, за да може секој да добие плата, мора да обезбедиме соодветна ликвидност и полнење на буџетот. Подобро да стиснеме заби два месеци за секој да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите.

Пак ќе повторам, ние имаме предвидено повеќе месечни олеснувања за граѓаните, како ослободувањето од плаќањето на кредитите, запирање на извршувањата и слично. Сега е време е за солидарност и заедничка акција. Имаме капацитет, имаме знаење, можеме да се избориме со коронавирусот и можеме да се справиме со економските последици.

Останувате ли до крај на овој став, или сте подготвени за поинакво крајно решение?

Заев: Она што јас и економскиот тим на СДСМ го подготвивме како мерки и го ставаме на располагање на Владата. Таа треба да одлучи дали ќе ги прифати во целост или ќе има одредени измени.

Јас се уште верувам дека ова е најефикасниот и најкраткиот пат кој ќе нè извади од кризата.

Тоа треба и мора да биде пат на солидарност и меѓусебно помагање. Тоа треба да биде заеднички споделен товар од сите, затоа што ова нè допира сите. Секој човек е важен и така треба да се однесуваме. Ова е борба за здравјето на секој човек, ова е борба да се сочува секое работно место и да се обезбеди приход за секој човек. Сите сме дел од проблемот и сите треба да бидеме дел од решението, со кое ќе ја пресретнеме економската криза а ефектите од неа да бидат што помали.

Каков ефект врз вас за ова прашање имаат жестоките реакции од синдикатите, кои велат дека на овој начин ќе удрите по најсиромашните слоеви од јавниот сектор, кои и онака досега имаа пониска од просечната плата?

Заев: Ние сме демократско општество и секој има право да го каже своето мислење, став и да даде предлог. Но, поради специфичноста на ситуацијата, сметам дека треба искрено да се настапува пред граѓаните. Ако се погледнат мерките може да се види, дека сосема спротивно, целта на нашите мерки е да се спречи губење на работни места, да се спречи луѓе да немаат приход, да останат и без работа и без егзистенција, но и да не се загрози одржливоста на буџетот.

Целата оваа ситуација, прво со здравствената, а потоа и со економската криза од коронавирусот, не е пријатна за никого. Јасно е дека никој не сака да му се нарушат редовните месечни примања, но затоа секој треба да сфати дека со ова дел од товарот носиме сите, но воедно им помагаме и на оние кои поради тоа што не работат заради коронавирусот, се соочени да не добијат никава плата во следните месеци.

Мораме да мислиме на сите, и тие да добијат барем минимална плата, за да имаат што да трошат, да си обезбедат храна за себе и своите семејства во овие кризни времиња.

Ред е во духот на солидарноста секој да помогне на секого. Работникот од јавниот сектор да му помогне на работникот во приватниот, на пример. Затоа што администрацијата се финансира доминантно од приватните бизниси. Никој не може да дознае колку кризата ќе трае и какви последици ќе остави врз светската економија. Затоа, подобро е два месеци да се издржи и да се стиснат заби, отколку да се доведеме во ситуација, државата да нема пари да ги финансира основните функции.

Повторно ќе кажам, време е за солидарност, време е секој од нас да помогне во надминување на кризата, а најголем дел од товарот секако да понесат оние најбогатите.

Зошто мерката не се однесува само на функционерите што имаат плати над 1.000 евра, туку беше неопходно да се опфати целата администрација?

Заев: Веќе споменав, мерката се однесува на сите во јавниот сектор, од премиерот, министрите, пратениците до сите избрани и именувани функционери на централно и локално ниво. Секако дека во оваа мерка влегуваат и оние вработени во администрацијата кои добиваат повисоки плати, но влегуваат и претседатели и членови на Совети на општините и претседателите и членовите на управните и надзорните одбори во институциите кои нема да добијат надоместок за месеците април и мај. Се кратат и трошоците за патувања, за набавка на мебел, автомобили…Важно е да се скрати секаде онаму кадешто може да се скрати за кризата да трае пократко, а негативните економски ефекти од неа да бидат што помали.

ОЧЕКУВАМ ДЕКА МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА ЌЕ БИДАТ НА ЛИНИЈА СО НАШИТЕ

Целата содржина прочитајте ја на: ФАКТОР.МК

Треба да знаете
Последни објави