Заради експанзијата на вирусот Ковид-19, мерките кои се на сила и неможноста на граѓаните (клиентите) да дојдат до
нашите производи, се соочуваме со финансиска катастрофа и со опасност од целосен колапс. Принудени сме да отпочнеме со уништување на пролет-лето реколтата, бидејќи не постои опција да пласираме и да продаваме цвеќе.
За да биде појасно, оваа алтернативна земјоделска гранка брои десетици компании, стотици вработени, огромни вложувања во опрема и инфраструктура, се развива континуирано од осамостојувањето на државата, а во споредба со другите земјоделски гранки изложена е и на највисоки оданочувања.
По интензивни консултации со постојаната потсекторската група на производители на цвеќе и украсни растенија формирана при МЗШВ, а во интерес на нашиот опстанок и егзистенцијата на стотици вработени во овој сектор, со цел намалување на штетните економски последициод Ковид-19, предложивме сет на мерки со кои бараме итна и конкретна реакција од министерстото за земјоделство, министерството за економија, министерството за финансии, Владата и кризниот штаб.
Истовремено би апелирале граѓаните и оваа сезона да продолжат со купување на нашите производи. Тоа е исклучително важно во оваа криза, бидејќи секој купен производ е значаен придонес и директна поддршка на земјоделците од оваа гранка.
Уверени сме дека во надминување на предизвиците со коишто се соочува нашиот сектор ќе наидеме на поддршка од медиумите.