Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендру Куомо ги повика здраствените работници од САД да помогнат, бидејќи во Њујорк веќе се заразени над 66.000 луѓе со новиот коронавирус.
– Ги замолувам здравствените професионалци од цела земја, ако немаат криза во својата заедница, да дојдат и да помогнат, посочи Куомо.
Тој предупреди дека тоа што се случува во Њујорк може да се очекува и во другите делови на САД.
– Бројките се запрепастувачки… Изгубивме повеќе од 1.000 њујорчани посочи Куомо, додавајќи дека во Њујорк владее „воена атмосфера”.
Њујорк се подготвува за врвот на епидемијата со Ковид-19 во април, а градските власти се обидуваат да ги зголемат болничките капацитети до 87.000 кревети.