Медиумите од Турција пренесуваат дека здравствената состојба на легендарниот турски голман Реџбер Рушту по заминувањето во болница поради коронавирусот нагло се влошила и тој се бори за својот живот. Поранешниот голман на Фенербахче, Барселона и Бешикташ, викендов беше хоспитализиран откако тестовите покажаа дека е позитивен на коронавирусот.
Како виновник за заразата на Рушти во медиумите се посочува неговата сопруга Ишил Реџбер, која неодамна се вратила од САД и не ги почитувала мерките за карантин. Сепак Ишил ги демантираше ваквите обвинувања, и посочи дека по враќањето од САД пред три недели таа била во изолација. Излегла од дома само еднаш за да оди до болница, а во домот биле во посебни соби со Рушту.
-Не ме интересира што пишуваат, најважно ми е сопругот да ми се врати дома здрав и жив. Во петокот, тој се пожали дека го болат мускулите и главата. Во саботата крена температура и почна да кашла. Се загрижив па веднаш го однесов во болница. Веднаш доби третман, но не сум го видела, нема пристап до спратот каде лежат пациентите. Не е дозволено ниту да се разговара преку телефон. Докторите ми рекоа дека првите 72 часа се многу критични – вели Ишил, која додава дека таа, нејзината ќерка и нејзиниот син биле негативни на тестовите за коронавирусот.