Се повеќе производители на овошје и зеленчук во Словенија производите преку интернет ги продаваат директно на домаќинствата, јави дописникот на МИА од Љубљана.
На тој начин тие можат да остварат профит, а граѓаните ќе ги добијат потребните производи без да излегуваат од дома. Имено, по прогласувањето на епидемијата и рестрикциите на движење, директно беа погодени и помалите производители на овошје и зеленчук. Тие се прилагодија на ситуацијата и овозможија продажба на своите производи преку интернет страници.
Така сега граѓаните можат да си одберат што им треба, да нарачаат и платат преку интернет, а земјоделските производи ќе им бидат донесени до пред домовите.
Министерството за земјоделие на Словенија објави повик до сите земјоделци да продолжат напорно да работат овој период, а со тоа да обезбедат доволно храна за граѓаните кои поради коронавирусот, во најголем дел се затворени дома.