Финансиска поддршка за претпријатијата од приватниот сектор за исплата на плати за своите вработени во висина од 14.500 денари за месеците април и мај, кратење на платите за сите избрани и именувани функционери на ниво на минимална плата и формирање на солидарен фонд во кој ќе се донираат средства за справување со кризата со коронавирусот, се дел мерките од вториот пакет што ги презентираше Владата за справување со последиците што ги предизвикува коронавирусот што беа донесени на вчерашната седница. За негова реализација, според проценките, потребни се околу 200 милиони евра.
Мерките не предвидуваат кратење на платите на вработените во јавниот сектор, туку само на платите на сите избрани и именувани функционери.
За април и мај ќе биде обезбедена минимална плата и за спортските работници, самостојните уметници и медиумските работници, а за оние работници кои останале без работа ќе им се исплати 50 проценти од висината на просечната плата. Дел од пакетот мерки се и субвенционирање на 50 проценти од придонесите, како и бескаматни кредити за компаниите обезбедени преку Развојната банка.
Се запира и Законот за извршување што значи дека извршителите не ќе можат да преземат никакви извршни дејствија, а се одлага и плаќањето закуп на корисниците на социјални станови, додека за закупот на фирмите ќе биде донесена посебна одлука.
Една од мерките е и тоа што вработените задолжително ќе мора да го искористат остатокот од стариот одмор заклучно со 31 мај, како и тоа дека се намалуваат авторските хонорари односно ќе се исплаќа 50 проценти помал хонорар од она што е потпишано во договорот освен во случаи кога авторскиот хонорар му е единствениот приход за граѓаните.
Премиерот Оливер Сапсовски, кој ги презентираше мерките во Владата, рече дека за секоја мерка ќе биде донесена посебна уредба во која детално ќе биде објаснето се. Апелираше до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и мерки што ги носи Владата бидејќи како што порача заедно сме посилни, отколку секој посебно.
Во врска со финансиска поддршка за компаниите од приватниот сектор за исплата на плати за вработените во висина на минимална лата од 14.500 денари за април и мај и 50 проценти субвенционирање на придонесите за плата, премиерот Спасовски на прес-конференцијата информира дека ќе биде отворена посебна владина програма за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата.
– Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштита на работните места и на работниците во услови на криза, истакна Спасовски.
Со цел спроведување на мерката ќе биде отворена владина програма за поддршка на работодавачите погодени од кризата.
-Тие самостојно ќе ја исплатат платата преку алатката „месечна пресметка за интегрирана наплата” на УЈП. Но, ќе треба да исполнат и неколку услови – да не исплаќаат дивиденди на сопствениците и бонуси, годишни и награди за деловна успешност на вработените и органите за управување и надзор, да имаат најмалку 30 отсто намалување на приходите од сеознскиот просек лани, како и за месецот за кој се бара поддршка просекот на највисоките нето плати на десет отсо до бројот на вработените да не надминува 120.000 денари месечно по вработен, објасни Спасовски.
Финансиската поддршка, напомена, не се однесува на вработените кои за декември 2019, јануари и февруари 2020 примиле нето плата повисока од 39.900 денари.
– Работодавачите што ќе добијат финансика поддршка имаат обврска истиот број вработени што го имале во време на аплицирањето да го задржат заклучно со септември 2020. Поддршката нема да ја враќаат работодавачите што искажале загуба за 2020 година. За останатите, враќањето е лимитирано до 50 отсто од добивката пред оданочување зголемена за оданочените расходи. За самостојните вршители на должност, односно сите занаетчии: автомеханичари, фризери, бербери, пекари и други да имаат пристап до оваа мерка, ќе биде донесена дополнителна уредба во деновите пред нас, подвлече премиерот.
Оваа мерка ги опфаќа и медиумските правни субјекти од приватниот сектор под истите услови.
Сите занаетчии, автомеханичари, фризери, бербери, пекари,… може да аплицираат за владината поддршка од вториот сет економски мерки.
Како што рече Спасовски, занаетчиите се опфатени преку мерката која се однесува на правните субјекти од приватниот сектор, но конкретно за нив ќе се регулира со посебни, дополнителни уредби кои ќе бидат донесени деновиве.
Од вториот сет економски мерки на Владата никој не е изземен, нагласи Спасовски, посебно не микро и малите фирми. Ќе се стори се – што повеќе луѓе да останат на работа. Најмногу ќе му се помогне на оној што има најмалку. За занаетчиите ќе се донесе посебна уредба.
Објаснувајќи ги мерките, Спасовски посочи дека дополнителни осум милиони евра се обезбедуваат преку Развојната банка за поддршка на микро, малите и средни претпријатија за обртни средства и околу 50 милиони евра за заштита на ликвидноста на претпријатијата.
-Развојната банка покрај 5,7 -те милиони евра ќе пушти и дополнителни осум милиони евра бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија, што може да ги користат во зависност од бројот на вработените. Максималниот износ кој ќе биде одобрен не може да биде повисок од 5,535 милиони денари, односно 90 илјади евра, а минималниот понизок од 184.000 денари или три илјади евра, рече премиерот.
Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата до три години со грејс период од 12 месеци, а наменети се за обртни средства. Отплатата, како што рече премиерот, ќе се врши во квартални отплати. Кредитите се бескаматни и без административни трошоци, а ќе бидат обезбедени со меница авалирана од страна на еден од корисниците на кредитот во форма на нотарски акт со извршна клузула
Премиерот додаде дека околу 50 милини евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе бидат пласирани преку комерцијални банки за заштита на ликвидност на компаниите.
Средствата, како што појасни, се обезбедуваат во рамки на тековниот договор што Развојната банка го има со Европската инвестициска банка, односно има можност да повлече не искористен дел од кредитната линија во износ од 50 милиони евра со ниска каматна стапка.
Развојната банка, средствата од оваа кредитна линија, наменета за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемување на ликвидноста на стопанството и зголемен извоз, ги пласира преку деловните банки до крајните корисници, односно до малите и средни претпријатија и компании со средна пазарна капитализација.
Со оваа мерка, како што рече премиерот, Развојната банка ќе понуди каматна стапа од 0 проценти на деловните банки, кои ќе одат со пониски маргини и ќе можат да нудат кредити со камати од околу 1,5 проценти.
-Со цел надминување на проблемите од новонастанатата состојба со појава на коронавирусот, кој директно го погодува работењето на мали и средни претпријатија државата презема мерка со која ќе ја субвенционира каматната стапка на Развојната банка кон ЕИБ, како и админстративниот трошок од 0,5 проценти што Развојната банка ќе го пресметува кон деловните банки преку кои ќе се пласираат средствата, истакна Спасовски.
Меѓу донесените мерки денеска, премиерот потсети на Уредбата за олеснување на договорните услови на кредите од банките и штедилниците, со која банките на лесен и едноставен начин можат да ги одложат кредитите без потпишување анекси и одење на шалтер. Додаде дека оваа мерка веќе е во реализација и оти очекува да биде испочитувана.
Тој соопшти дека една од мерките се однесува и на намалување на ратата и репрограмирање на кредитите кај финансиските друштва и кај лизинг компаниите. Оваа мерка, како што рече, предвидува кај физичките лица да се репрограмираат кредитите со намалување на ратата во следните три месеци за 70 проценти од ратата и продолжување на рокот на отплата за најмалку 90 дена од доспевањето.Кај правните лица ќе се одлучува индивидуало со предлагање на најсоодветни поволности согласно со потребите на компаниите.
Нови договори за кредитете, согласно донесените мерки, е да се одобруваат со грејс период од три месеци, а затезната камата која изнесуваше 51 проценти, се намалува на 31, а останатите трошоци што ги наплаќаат се ограничуваат на 20 проценти од одобрениот кредит.
Вториот пакет мерки што денеска беше презентиран во Владата е донесен во консултација со членовите на Економскиот совет и низ разговари со деловната заедница преку стопанските комори, академската заедница и стопанственици од реалниот сектор.
Претседателот на државата Стево Пендаровски по вчерашната седница на Советот за безбедност кажа дека ќе бидат потребни серија на мерки и одговорни одлуки со цел да се намалат колку што може штетите по националната економија. За таа цел потребна е мобилизација на сите економски капацитети во државата и прибегнување кон најрадикалните мерки.
– Сведоци сме дека и најразвиените земји се соочуваат со крупен предизвик во овој сегмент. Во оваа смисла ни претстои тежок период во кој ќе бидат потребни серија на мерки и одговорни одлуки со цел да се намалат колку што може штетите по националната економија. За таа цел потребна е мобилизација на сите економски капацитети во државата и прибегнување кон најрадикалните мерки само во крајна нужда и со определен временски рок, кажа шефот на државата.
Реакции и критики за вториот пакет мерки за стопанството за последиците од пандемијата со коронавирусот
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) по објавувањето на вториот сет владини мерки го поздрави ставот на Владата да нема намалување на платите на вработените во јавниот и приватниот сектор.
Во соопштението од ССМ посочија дека мерките биле усогласени на денешната седница на Економско-социјалниот совет и оти конструктивниот социјален дијалог е главната алатка за да се сочува достоинството на работниците во овие спефицични моменти за државата.
– На седницата социјалните партнери заеднички констатираа дека главен приоритет, во овој специфичен период е здравјето и животот на работниците и граѓаните, но дека состојбата не смее засега да се дозволи да премине и во криза на пазарот на трудот и истата да биде надминувана на грбот на работниците. Конструктивниот социјален дијалог и можноста претставниците на работниците да ги изнесат своите предлози и решенија за оваа состојба е главна алатка во овие специфични моменти преку која сите заедно можеме да придонесеме за зачувување на достоинството на работниците, а истовремено и да помогнеме на македонската економија, велат од ССМ.
Сојузот на стопански комори (ССК), пак, се огради од вториот сет владини мерки што ги соопшти премиерот Оливер Спасовски.
– Од наша страна се бараа системски мерки за сите микро, мали и средни претпријатија што се засегнати од кризата, без оглед на дејноста. Наместо тоа, со оваа делумна помош не се постигнува крајната цел, а тоа е да се сочува економијата и да се задржат работниците особено за оние правни лица кои се најмали и незаштитени и на кои овие потреси ќе им го уништат целиот труд да се самовработат и да си ги издржуваат семејствата, наведува ССК.
Сојузот нагласува дека и на Економскиот совет предложил, но и писмено доставил конкретни мерки за претприемачите и микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата.
– Владата да одобри поддршка од 100 отсто нето платата за следните три месеци, да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните три месеци, правните лица кои се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година, да се стави мораториум на сите казнени камати и камати на задоцнето плаќање на обврски за следните шест месеци, а вработените кои припаѓаат на групата лекари, трговци и сите кои сега се најоптоварени и под ризик, да им се исплати еднократен бонус, се предлозите на ССК, кој смета дека по изминувањето на кризата треба да се најде соодветно решение како средствата да се вратат во Буџетот согласно можностите на претпријатијата.
Според ССК, Владата објави два пакета економски мерки кои се недоволни и кои нема да ги постигнат очекуваните резултати.
Вториот пакет економски мерки на Владата го критикуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција кој изрази сериозна загриженост оценувајќи дека со овој пакет мерки економската криза ќе се продлабочи. Според него, оваа помош е далеку од доволна и задоцнета.
Во однос на првата и суштинска мерка за најпогодените компании од пандемијата и од економската криза да се субвенционира по 14.500 денари за трошоци за ликвидност што компаниите би ги користеле во април и мај, за Мицкоски е чудно што не се споменува март, бидејќи вонредната состојба и сите оние компании што се погодени и што го затворија бизнисот се жртви на пандемијата и ги чувствуваат последиците уште од март, а вработените во тие компании треба да добијат плата за месец март која што би се исплатила во април. Тој смета дека многу малку компании ќе можат да ја искористат оваа поволност. Исто така, Мицкоски вели и дека ако компаниите исплатиле бонуси, надоместоци и дивиденда не можат да ги користат овие средства за ликвидност и за поддршка на работењето на тие компании.
Според Мицкоски, сите оние компании кои што веќе се корисници на мерките преку Агенцијата за вработување нема да можат да ги користат овие 14.500 денари и дека оние компании, кои што ќе остварат позитивна финансиска година ќе треба истите средства да ги врата започнувајќи од април 2021 во следните три месеци април, мај и јуни.
Најави дека во деновите што следат ВМРО-ДПМНЕ до Владата ќе достави уредби со сила на закон за мерките кои што ги предлага и ќе побара да се отвори дебата на самата седница за да може нивниот претставник да ги брани овие мерки.
Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев, пак, порача дека се донесени важни одлуки и оти државата ги спасува работните места на граѓаните. Драго ми е што денеска Владата на Северна Македонија прифати и усвои голем дел од економските мерки што ги предложивме јас и економскиот тим на СДСМ, но и донесе дополнителни мерки, напиша на неговиот Фејсбук профил Заев.
Тоа, истакна, се сериозни чекори кои ќе значат зачувување на работните места на граѓани во фирмите погодени од кризата со корона вирусот, мерки што ќе значат гарантиран приход кај секој работник додека трае кризата.
– Ова се мерки вредни 200 милиони евра, мерки на солидарност, на меѓусебно помагање во тешки ситуации, ова се мерки за помош на секое семејство, мерки за помали трошоци на секое домаќинство додека трае кризата. Денес, сите ние поединци, целото нашето општество, нашата економија, сите сме ставени пред важен тест. Тој тест ќе го положиме само ако сме солидарни, ако си помагаме еден на друг. Само така ќе излеземе победници од овој здравствен и економски предизвик, истакна Заев.