Бројот на заразени со коронавируси во светот се зголемува од минута во минута, вкупниот број заболени досега е 927.986, додека бројот на загинати се искачи на 46.492 лица.
Заразата низ целиот свет не се намалува, при што епицентарот од Источна Азија се пресели во Европа и Северна Америка во последните неколку недели.
Најголемо жариште моментално е САД каде дневно имаат преку 15.000 новозаболени лица.САД брои 212.000 заразени што ја прави далеку прва на земја заразена од Ковид-19. Големото јаболко, државата Њујорк е најпогодена област, дури половина од починатите се токму од таму.Проценките се дека смртните случаеви во Њујорк ќе достигнат и до 16.000, додека на целата територија на САД ќе има од 100.000 до 240.000 жртви, зависно колку се почитуваат препораките на Белата куќа.
Шпанија е втората европска земја зад Италија по стапка на смртни случаи и заболени. Досега се заразени 102.179 лица, а 9.131 пациенти починале. Првиот заразен е откриен на 1 февруари, еден ден по Италија. На главниот плоштад Порта дел Сол, во Мадрид, знамињата се спуштени на половина копја, а секој ден напладне има минута молчење во знак на сеќавање на сите мртви, иако местото е напуштено со денови.
Третата најпогодена европска земја е Германија со 77.779 заразени, а потоа следува Франција со скоро 57.000, по неа Велика Британија со 29.479. Од овие земји, Франција има најголема стапка на смртност со 3532 смртни случаи, додека во Германија овој број сè уште е под контрола со 858 починати, при што многу помалата Белгија забележа 828 смртни случаи.