Врнежите снег што денеска ја зафатија земјава не претставуваат закана за земјоделството зашто температурите сé уште се над нулата. Но, од петок, кога се очекуваат и до минус шест степени во утринските часови и во текот на ноќта, можни се штети кај коскестото овошје, посебно кај бадемот, кајсијата и раните сорти праска и слива.
Како што вели за МИА агрометеорологот Ангелко Ангелески, во сите региони, освен во Беровско каде вегетацијата на овие овошки е задоцнета, ризикот е проретчување на плодот, па дури и целосно уништување.
-Ова особено се однесува на Повардарието каде температурите ќе бидат под минус два степена, а секое спуштање под нулата е ризик. За утре очекувавме пониски температури, но снег уште врне што значи дека нема да има услови за разведрување и појава на мраз. Температурата ќе биде околу нула или максимум ќе падне до минус еден степен, нагласува Ангелески.
Според него, снежна покривка е секаде формирана, но со различна дебелина и се задржува само на тревните површини. На овошките и виновата лоза снегот се топи, не се задржува, а на житата никако не им штети.
-Генерално, ситуацијата не е за одбележување зашто врнежи снег во овој период од годината не се невообичаени иако можеби не се случуваат често. Друг пат сме имале снег дури и покасно, на 17 април. Интересно е што цела зима не паѓаше, туку сега врне, вели агрометеорологот Ангелко Ангелски.