Пејачот Џон Бон Џови ги покани луѓето од целиот свет да испратат свои приказни и искуства во борбата против коронавирусот, кои тој потоа ги преточи во песната Do What You Can, јавува „Хедлајнер“.
Бон Џови на „Твитер“ рече дека преку социјалните мрежи примил илјадници пораки и изведби на песни на тема Do what you can. Некои од нив ги избрал и самиот ги пеел цитирајќи ги авторите на тие исповедувања.
Пејачот објасни за „Ројтерс“ дека повикот упатен до луѓето да му испраќаат текстови не бил свесна намера во смисла на нешто што мора да го направи, туку дека бил искрен и спонтан во својот повик.
Тој додаде дека многу од стиховите што ги добил претставуваат исповед на оние што се во првите редови на борбата против коронавирусот – медицински сестри, возачи на камиони, доставувачи на продукти.