Заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар денеска изјави дека не е донесена одлука од понеделник сите вработени лица да користат колективен одмор, како еден од мерките за справување со коронавирусот и оти тие ќе се креираат согласно потребите.
-Во моментот нема таква одлука. Кризниот штаб ја следи состојбата и мерките ќе ги креира согласно потребите што ќе се појават овие денови, изјави Бајрактар одговарајќи на новинарско прашање.
Заменик-министерот најави дека од понеделник ќе се исплаќаат парите за туѓа нега и родителски додаток за дете, кои доцнеле три месеци, и дека во никој случај не се стопирани овие права. Бајрактар објасни дека во изминатиот период се вршело обнова на документацијата за туѓа нега и родителски додадок за дете и оти денеска се потпишани документите.
Засега, според него, МТСП нема информација колку вработени од почетокот на кризата со Ковид-19 се отпуштени од работа и дали е зголемен бројот на лица баратели на социјална заштита, бидејќи во тек е периодот за аплицирање за социјална помош.
– Во моментот не знаеме колку добиле отказ. Аплицирањето се случува во април. Очекуваме зголемен број апликанти, рече Бајрактар, кој најави дека бројката ќе се знае откако ќе заврши аплицирањето.