Советот на Град Скопје денеска, 03.04.2020 година, петок, одржува седници на отворено, на просторот пред салата на Советот на Град Скопје, во време на вонредна состојба во државава поради пандемијата со коронавирусот. На 50-та редовна седница советниците ги разгледуваа Предлог – Годишна сметка на Буџетот на Град Скопје за 2019 година и Годишниот извештај на Град Скопје за 2019 година. На 6-та вонредна седница ќе се расправа за економските мерки што ги презема Градот, кој е најголема движечка сила во македонската економија, за ублажување на економските последици од настанатава состојба. Во Скопје се остварува и најголемиот дел од Бруто домашниот производ(БДП), во него се и најголемиот број работни места, како и најголемиот дел од инвестициите во земјава.
Советот на Град Скопје на 11.02.2020 година го усвои Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2019 година, а во минатата година остварени се вкупни приходи и други приливи во износ од 5,7 милијарди денари, што претставува остварување од 87,2% во однос на планот за 2019 година.
Градот Скопје во изминатиот период освен што посветено работеше на подобрување на сервисните услуги за граѓаните, напорно работеше на капитални проекти и нивна реализација инвестирајќи истовремено во повеќе области што ги покрива согласно со надлежностите. Сепак, Град Скопје со своето домаќинско работење има Буџетот на стабилни нозе и може да ги исполни своите цели, па така во интерес на полесно надминување на економските последици од пандемијата со коронавирусот ќе се откаже од дел од средствата од најголемите приходни ставки како: комуналиите, коминалните такси, закупот на јавен простор и други давачки.
Поради поврзаноста на овие две точки кои го прикажуваат финансиското работење на Град Скопје за 2019 година, моето излагање ќе се однесува за двете заедно. Воедно сакам да напоменам дека ќе бидам многу краток со оглед на комплексноста на целокупната ситуација во државата од една страна, како и земајќи го предвид фактот дека овие податоци веќе беа разгледувани преку Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2019 година од друга страна. Имено, Годишната сметка ги содржи сите елементи што ги содржи и Буџетот на Град Скопје искажани како планирани и остварени приходи и расходи за сите сметки со кои располага Град Скопје како и за сите општински буџетски корисници – рече Шилегов.
Тој додаде дека Годишната сметка се состои од општ дел кој содржи податоци за планираното и оствареното по групи на приходи и расходи. Покрај овие податоци, општиот дел содржи и податоци за тоа дали општината остварила дефицит или суфицит во буџетот, односно дали општината се јавува како корисник на кредитно задолжување што би значело дефицит во приходите или пак врши отплата на главнина од претходно задолжување, што пак се третира како намалување на дефицитот на општината.
Во Годишната сметка на Град Скопје за 2019 година, Градот има остварено повеќе тековни приходи, како и извршено отплата на главнина по постојното задолжување и притоа прикажуваме суфицит во износ од 010.827 денари. Исто така, Град Скопје нема ново задолжување во 2019 година ниту пак користи дел од средствата кои биле префрлени како непотрошени од претходната 2018 година, напротив имаме кумулирано дополнителен вишок на приходи во износ од 364.424.419 денари. Воедно, Град Скопје има извршено отплата на главница во износ од 163.586.408денари – рече Шилегов.
Во неговото излагање пред советниците тој кажа дека во посебниот дел од завршната сметка се прикажани планираните приходи и други приливи по видови и групи, и соодветно на нив, планираните и реализираните расходи. Билансот на приходите и расходите во годишната сметка содржат одделни податоци за остварувањето во основниот буџет, буџетот на самофинансирачки активности, дотациите, донациите и задолжувањата, односно кредитите. Салдата на поединечните сметки, кои се јавуваат како непотрошени средства на крајот на фискалната 2019 година се пренесуваат во буџетот на општината за наредната година како непотрошени средства.
-Според кажаното, само би го споменал остварувањето на приходите и расходите по поединечни буџети и тоа: За 2019 година во вкупниот Буџет на Град Скопје,вкупните приходи и други приливи се остварени во износ од 5,7 милијарди денари, што претставува остварување од 87,2% во однос на планот за 2019 година, или по поединечни буџети е следното:Основен буџет – 3,9 милијарди денари (88,5%); Буџет на дотации – 1,6 милијарди денари (95,2%); Буџет на самофинансирачки активности – 153 милиони денари (50%); и Буџет на донации – 49 милиони денари или 34% остварување. Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за 2019 година, се извршени во вкупен износ од 5,3 милијарди денаришто претставува процентуално извршување од 82 % во однос на планираните расходи и одливи за 2019 година. По однос на поединечни Буџети, реализацијата на расходите е следна: Основен Буџет – 3,6 милијарди денари (81%); Буџет на дотации – 1,6 милијарди денари (93,3);Буџет на самофинансирачки активности – 153,6 милиони денари (50%); и Буџет на донации – 49,5 милиони денари (34 %) – изјави Шилегов.
По однос на Годишниот извештај, тој спомена дека истиот е составен од годишна сметка, извештај за реализацијата на капиталните инвестиции во Град Скопје, извештај за средствата, побарувањата, обврските и изворите на средства и нивната вредност, годишен извештај за трошење на резервите извештај од одговорниот сметководител со кој се потврдува точноста и веродостојноста на годишната сметка.
Со предложување на овие два документи на Вас како советници, што всушност е наша законска обврска, ја затвораме 2019 година и сега како никогаш порано е потребно сите ние да ги вложиме нашите напори и ресурси и максимално да се насочиме кон 2020 година, за која сме свесни дека ќе биде тешка и неизвесна за сите нас. Ни претстои борба како на општествен така и на економски план, но мислам дека со заеднички сили ќе го надминеме и овој сериозен предизвик- нагласи Шилегов во своето обраќање пред советниците.
Советот на Град Скопје на денешните седници, 50 –та редовна и 6-та вонредна седница, ги разгледаа и предложените годишни финансиски извештаи на јавните претпријатија на Град Скопје, на средните училишта на Град Скопје,на културните институции, Годишниот извештај за работата на Комисијата за унапредување на правата на пациентите на град Скопје за 2019 година, како и други точки што беа на дневниот ред за работа.