Со двата пакети мерки за помош во економијата што ги обезбеди Владата, опфатени се сите стопански субјекти кои претрпеа одредени загуби и во март, објасни Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, во денешното гостување на емисијата „Детектор”, на телевизијата Сител.
„ За месец март не се изоставени компаниите коишо беа директно погодени и со Уредба на Владата мораа да престанат да работат. Со првиот сет на мерки беа директно таргетирани тие што беа на удар на кризата. Обезбеди се кредити, обезбедено е субвенционирање на приходи, ослободување од плаќање на аконтации од данок на добивка и други даноци”, објасни Битиќи.
Тој нагласи дека сите други компании, надвор од четирите најпогодени сектори во март, може имале одредени импликации во март, но тие се незначителни и тоа се гледа и од приходната страна во Буџетот.
„Во јавноста зборуваме само за директно вбризгување на пари, 200 милиони директни пари што ќе се вбризгаат во реалниот сектор. Но, мора да ги земеме предвид и сите даночни олеснувања, како и субвенционирањето на придонеси, по што ќе дојдеме до многу поголема сума на средства како помош за стопанството”, нагласи Битиќи.
Тој додаде дека ги слушаат барањата на стопанството, по што не се исклучува можноста одредени мерки да се дополнат, но и да има нови.
Осврнувајќи се невработеноста Битиќи истакна дека бројот на граѓаните што останале без работа во овој период е незначителен.
Според последните податоци на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија без работа останале 2.500 лица, односно 0,25% од вкупниот број на вработените. Оваа бројка е незначителна и е карактеристична за нормални услови за работа, а не за време на криза, нагласи Битиќи