Додека во Кина, која објави дека го победила коронавирусот, местата за продажба на диви животни за исхрана, или таканаречените „мокри пазари”, повторно се отвараат, Кинезите и азиската популација во САД стануваат објект на зголемена расна дискриминација, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Америка се справува со една од најголемите кризи во изминатите децении, поради пандемијата на коронавирус, за кој се претпоставува дека првпат се појавил на пазар за егзотично свежо месо во градот Вухан, централна Кина, од контакт на диво животно со човек. Во овие пазари каде се продаваат морски плодови и риба, може да се купи и месо од угинати и живи диви животни како лилјаци, бодливо прасе, пауни, дождовници па дури и кртови, но и кучиња и мачки.
Пазарите се нарекуваат „мокри” бидејќи месото се чува во мраз, а подот е влажен поради постојано миење со вода. Живите животни најчесто се чуваат во несанитарни услови и затворени во кафези, и се колат пред купувачите, на лице место, за месото да биде најсвежо.
Ентони Фаучи, вклучен во тимот на Белата куќа за борба против Ковид-19 и некои американски законодавци повикаа Кина да ги затвори местата каде се продава свежо месо од диви и животни за исхрана.
Кина времено ги затвори овие места поради епидемијата на вирусот, но откако земјата објави дека вирусот е запрен, се известува дека „мокрите пазари” повторно се отвараат. Пазарот на диви животни во Вухан е затворен на неопределено време, но нема најава дека може да биде целосно отстранет.
Фаучи, познат специјалист по имунологија кој има над три децении искуство во борба со ХИВ/СИДА и други вирусни заболувања, за телевизијата Фокс њуз синоќа изјави дека е загрижен што во ситуација кога светот се соочува со пандемија, овие пазари повторно се отвараат и ја повика Кина да ги затвори.
– Шокантно е кога имаме толку многу болести кои произлегуваат од невообичаена интеракција меѓу човек и животно, дека тие места едноставно не се затвораат. Во некои земји ова е нормална работа. Мислам дека другите земји треба добро да ги притиснат останатите држави кои го прават ова. Затоа што она низ што сега минуваме е директен резултат на тоа, изјави Фаучи.
Линдзи Грем, сенатор републиканец, преходно соопшти дека испратил писмо до амбасадорот на Кина во САД со барање да се затворат „мокрите пазари”.
– Традиционалната употреба на егзотично и свежо месо за исхрана во Кина е директна закана за здравјето, безбедноста и благосостојбата во светот, напиша Бредли Бејкмен во авториски текст за вашингтонското издание Хил. Посочи дека САД не треба да го дозволат однесувањето на Кина да го загрозува светското здравје и светската економија.
И додека во САД кризата со коронавирусот предизвика огромен пад на невработеноста и економска рецесија, се појавуваат извештаи за зголемена дискриминација кон малцинствата со азиско потекло.
Според истражување спроведено со помош на онлајн база на податоци каде се внесуваат извештаи од инциденти, досега се регистрирани повеќе од 700 напади на Кинези и други малцинства од жолтата раса во САД.
Околу 67,2 отсто пријавиле дека биле нападнати вербално со некакава форма на навреда, додека 23,5 проценти пријавиле дека луѓето ги одбегнуваат поради тоа што се Кинези или претставници на жолтата раса.
Нападите најмогу биле вербални со плукање и кашлање, и се извршени во продавници и други јавни места.
Според Расел Јеунг, професор по азиско-американски студии во државниот универзитет Сан Франциско, вклучен во истражувањето, овие навреди и одбегнувањето се едни од најчестите начини на дискриминација. Има и извештаи, но поретко, и за физички напади врз претставници од азиското малцинство, „иако сега поради наредбите за социјално дистанцирање и доброволен карантин, такви напади не треба да се очекуваат”.
Вирусот првпат се појави во кинескиот град Вухан, и поради тоа претседателот на САД, Доналд Трамп во своите изјави и брифинзи често го употребува терминот „кинески вирус” како израз за Ковид-19, па така многу Американци од азиско потекло, дури и оние кои не се Кинези, го чувствуваат ударот на дискриминацијата, нагласи Хил.