По регистрирањето на првите двајца заболени од коронавирусот во Крушево, градоначалникот Томе Христоски упатува апел за смиренотс и ги уверува граѓаните дека сите неопходни мерки се преземаат.
Од Општината соопштуваат дека полицијата поставува пункт на влезовите од градот како и патроли по населените места. Ќе се преземаат соодветни мерки при поголеми собирања и непочитување за време на полицискиот час.
Крушевската конфекција „Фалко” од утре нема да работи, а вработените ќе бидат во самоизолација.
Инспекциските служби и Центарот за јавно здравје од Прилеп ќе испитуваат и детектираат кои биле во контакт со заболените.
Се забрануваат посети и собирања во групи граѓани кои, вообичаено, овој период во Крушево се групираат по куќни имендени.
Градските власти укажуваат сите граѓани кои имаат симптоми на покачена температура, кашлица, трески. веднаш да се јават кај матичните лекари, но и тие кои биле во контакт со потенцијално заразени или во контакт со лица кои дошле од странство. Да се избегнува самоволно самолекување со цел прикривање на настинка или евентуално вирусот. Граѓаните може да го контактираат и Центарот за јавно здравје Прилеп.
Според градоначаникот Христоски, Општината ги презема сите неопходни мерки за превенција: дезинфекција, набавивка на доволен број заштитни визири, маски и ракавици како и скафандери со кои се заштитуваат службите кои директно се изложени на ризик од инфицирање и заболување.
Општината соопштува дека сите волонтери може да се пријават на повикот на Црвениот Крст од Крушево за помош на стари и изнемоштени лица.