Дрон на општина Солун ќе прелетува низ градот и со снимена порака ќе ги потсетува граѓаните дека треба да останат дома, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. Дронот, секојдневно ќе лета во делови од Солун каде што ќе биде потребно да се испрати пораката да се избегнат непотребни движења.
-Остануваме дома, се заштитуваме самите и ги заштитуваме ранливите групи. Ги ограничуваме непотребните движења. Во овие критични моменти, нема друго место како дома. Ранливите групи да се јават во Општина Солун за помош дома, е пораката која според АНА-МПА се испраќа до граѓаните.
Советникот за цивилна заштита од Општина Солун, Василис Моисидис за грчката новинска агенција вели дека за информирање на граѓаните, сега веќе се користи и модерната технологија.
-Задоволни сме од напорите на нашите сограѓани. Сликата што ја гледаме денеска на шеталиштето е целосно задоволителна и се чини дека луѓето ја примија пораката, вели Моисидис.
Шеталиштето покрај морето во Солун од минатиот вторник е целосно затворено за време на викендите, а преку недела е отворено само од 8 до 14 часот.