Ројтерс утрово објави, повикувајќи се на свои извори, дека била ракетирана област во близина на странските и државната нафтена компаниија во Басра, Ирак. Засега нема извештаи за жртви.
Според ирачката полиција, ракетите „катјуша“ биле лансирани околу 3 часот по полноќ по локално време и удриле во станбениот комплекс и оперативниот штаб Бурџесија западно од Басра. Во исто време, ирачката војска изјави дека ракетите удриле близу американската компанија „Халибартон“.
Нападот на нафтените постројки се случи откако претходно цените на нафтата продолжија да паѓаат откако Русија и Саудиска Арабија ги одложија преговорите за намалувањето на производството на нафта, со што продолжува загриженоста за прекумерното снабдување. Првично, средбата беше закажана на 6 април, но разговорите беа одложени до 9 април.
Цените на нафтата го доживеаја најголемиот пад во последните неколку децении откако Русија и Саудиска Арабија не успеаја да постигнат договор за намалување на производството во услови на тековната криза со Ковид-19.
Русија предложи намалувањето на производството да остане на претходно договорено ниво, но Саудиска Арабија и нејзините сојузници сугерираат дополнителни намалувања.