Жан Пол Мира, началник на Одделението за интензивна нега во една париска болница, и Камиј Лохт, директорот на францускиот Национален институт за здравје, обвинети се на социјалните мрежи за расизам.
Зборувајќи за испитувањата на влијанието на бе-се-же вакцината на коронавирусот, кои се спроведуваат во Европа и во Австралија, Мира рече:„Зошто ова испитување да не го спроведеме во Африка кадешто нема маски, лекови, интензивна нега, како што претходно ги спроведувавме истражувањата за сида меѓу проститутките зашто знаевме дека се многу изложени и не се заштитуваат?“.
Со ова се сложи и Лохт, кој додаде дека се размислува за слична студија во Африка.
Оваа изјава наиде на бура критики на социјалните мрежи, а во првите редови беа фудбалерите со африканско потекло. Така, Дидие Дрогба, поранешен фудбалер на Челзи, напиша дека „Африка не е лабораторија за тестирање“.
Сенегалскиот фудбалер Демба Ба,кој игра во Истанбул, напиша: „Добредојдовте на Запад, каде што белците мислат дека се толку супериорни за расизмот да стане потполно банален. Време е да се побуниме“.
Bienvenue en occident , la où le blanc se croit tellement supérieur que racisme et débilité deviennent banalité. TIME TO RISE ✊🏿 pic.twitter.com/R08R7K9QAw
— Demba Ba (@dembabafoot) April 2, 2020
Фудбалерот на Челзи со потекло од Сиера Леоне, Антонио Ридигер, посочи дека му било потребно време да најде зборови за овие луѓе.
„Двајца француски лекари на ТВ предложија експериментот со вакцината за Ковид-19 да се спроведе во Африка. Како Африканците да се животни. Срамно! Ова е расизам на највисоко можно ниво!“.
На критиките им се придружија некои француски политичари од левицата и невладини организации за човекови права, а здружението на адвокати од Мароко најави тужба против лекарите.
Од друга страна, францускиот Национален институт за здравје посочи дека станува збор за изјава извадена од контекст и дека лекарите всушност сакале да кажат дека Африка не смее да биде исклучена од истражувањата и од помошта во борбата против коронавирусот.
Мира ѝ се извини на јавноста ако погрешно го разбрале, додавајќи дека Африка е поизложена на вирусот отколку Европа, бидејќи нема доволно заштитна опрема и дека би било интересно покрај во Европа и во Австралија, слично истражување на биде спроведено и во Африка.