– Италија, каде производствената активност е намалена за 34 проценти, како резултат на вирусот Ковид-19, се соочува со огромна криза, при што се проценува дека во текот на оваа година без работа ќе останат повеќе од 420.000 луѓе.
Италијанскиот државен институт за статистика (Истат) проценува дека финансиската состојба поради вирусот ќе биде потешка отколку за време на светската економска криза во 2008 година.
Потрошувачката ќе падне за 9,9 проценти ако блокадата поради пандемијата остане до јуни, наведува Истат и додава дека Италија веќе ги намали производствените активности за 34 проценти.
„Се проценува дека во ‘кризата без преседан’ 420.000 луѓе оваа година ќе останат без работа, од кои половина туристички работници, соопшти Унијата на стопански комори на Италија.
Туризмот, кој е тешко погоден од пандемијата на вирусот Ковид-19, е многу значајна стопанска гранка во Италија и учествува со 13 проценти од БДП на таа земја и 14,9 отсто од вкупниот број работни места.
Во Италија, една од земјите кои се најтешко погодени од пандемијата, строгите карантински мерки со зголемена контрола на граѓаните ќе бидат во функција до 13 април, а како што е најавено, можно е да бидат продолжени и до почетокот на мај.