Како дополнување на Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена на 36-та седница, за продолжена забрана за движење од понеделник до петок и за време на викендите, Владата заклучи дека за време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, да им дозволи на сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче), од понеделник до петок да може да ги изнесуваат надвор од своите домови, во вечерните часови во времетраење од 30 минути, почнувајќи од 20:00 часот до 20:30 часот, a во деновите сабота и недела, наутро од 8:00 часот до 8:30 часот, попладне од 15:00 часот до 15:30 часот и во вечерните часови од 20:00 часот до 20:30 часот, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.
Притоа, граѓаните да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се групираат.
Согласно оваа одлука, Владата ги задолжи сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, на подрачјето на Градот Скопје, за вработените лица кои работат во овие институции и фирми, а живеат надвор од подрачјето на градот Скопје и патуваат секојдневно на работа, работодавачот да ги упати овие лица на задолжителна работа од дома, без физичко присуство на работното место за време на вонредната состојба.
Владата донесе Одлука за изменување на Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи на државната управа, во насока работното време да го прилагоди согласно забраната за движење, која се смета за донесена на оваа седница на Владата.
Согласно ова, се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, да го прилагодат работното време за административните и јавните службеници, односно истите да завршат со своите работни задачи и активности, со цел пред почетокот на забраната за движење на територијата на Република Северна Македонија, односно пред 16:00 часот да можат да бидат во своите домови.
Владата го задолжи Министерството за здравство веднаш да подготви план за работа и организација на сите јавни и приватни здравствени установи, како и аптеките во општините на територијата на Република Северна Македонија.
Согласно оваа одлука, Владата ги задолжи Општинските кризни штабови да определат економски оператори/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на територијата на Република Северна Македонија, а економските оператори кои се регистрирани да вршат достава на храна преку он-лајн порачки, непречено да ја извршуваат својата работа за време, во деновите сабота и недела.
За оваа цел, се задолжуваат Општинските кризни штабови, во соработка со Министерството за внатрешни работи да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.
Економските оператори што имаат производствени капацитети да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на Република Северна Македонија и непречено да го организираат работниот процес.
Како и за сите претходно донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, исто и за оваа мерка важат исклучоците за вработените лица во Министерството за внатрешни работи, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институции претходно опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани.
Овие дополнителни одлуки и објаснувања се донесени врз основа на Одлука за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена на 36-та седница, со која од 8 април 2020 година (среда), со која се забранува движење на населението на територијата на Република Северна Македонија, од понеделник до петок, во временски период од 16:00 часот до 5:00 часот наредниот ден, како и за време на викенд деновите од 16:00 часот во петок, до 5:00 часот во понеделник, дополнета со забраната движење на населението со возраст над 67 години, од понеделник до петок во временски период од 12:00 часот до 10:00 часот наредниот ден, и забраната за движење на децата и младите на возраст до 18 години, од понеделник до петок во временски период од 15:00 часот до 13:00 часот наредниот ден, со забраната за собирање во група на повеќе од две лица, во паркови и на други јавни места и површини, со исклучок на лица помлади од 14 години кои се во придружба на родител кои се дел од групата.