До следната седмица предвидено е 12 деца бегалци без придружба од Грција да заминат за Луксембург, со што започнува и процесот за релокација во европските земји на децата згрижени во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Финализацијата на договорот за преземање на децата бегалци без придружба била потврдена за време на денешниот телефонски разговор на алтернативниот Министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос со Министерот за надворешни работи, миграција и азил на Луксембург, Жан Аселборн.
-Станува збор за разврска што се постигнува и покрај тешките услови со пандемијата и создава позитивен пример за другите европски партнери, кои изразија подготвеност да прифатат малолетни бегалци без придружба од Грција, вели Кумуцакос
Како што соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, Кумуцакос и Аселборн се договориле, надлежните власти од двете земји, и покрај тешките околности поради пандемијата со коронавирусот, сепак во следните денови да ја завршат сложената процедура за 12-те деца во соработка со УНХЦР и Меѓународната организација за миграција. А се очекува, децата, до следната седмица да бидат префрлени во Луксембург.