Мизрахи: За да победиме мора да бидеме живи и здрави. Седете дома!

Интегрален текст од видео прес конференција на Рашела Мизрахи

„Почитувани сограѓани,

Јас сум родена во 1981 година.

Мојата генерација растеше во остатоците од еден систем кој целосно се распадна додека нашето железо се уште се ковеше. Доживеавме распад и страотни слики од војни секаде околу нас. Паметиме воени конфликти, масакри, бомбардирања, инфлации, сиромаштија, конфузија, стар систем, нов систем, понов систем, стари вредности, нови вредности.Се бараше од нас да се менуваме и постојано да се прилагодуваме.

Но најстрашно е сега.

Стигнавме до момент кога никој повеќе не верува, малкумина имаат надеж, а вистината е реткост. Алчноста ги извади оградите ветувајќи живот за сите но донесоа ѕидови од омраза бранејќи се од народот. Донесоа цинизам и демагогија проткаени низ бессрамно продавање лаги и ни наредија да ги викаме демократија додека трае нивната автократија.

Почитувани сограѓани, се чини дека ја водиме најголемата битка во нашите животи. Лажната самопрогласена елита има компас само за себе, а срам ни за себе. Бессистемноста која ја создадоа ќе посегне по повеќе животи од невидливиот непријател.

Затоа, сограѓани во оваа битка мора да стоиме обединети. За да победиме мора да бидеме живи и здрави. Седете дома! Ако излегувате нека биде тоа наменски. Користете маски и ракавици. Дезинфицирајте. Штитете се себе си и вашите најмили и додека си го штитите своето семејство штитете ги и туѓите. Во овој момент логиката е едноставна. Вашите родители се и мои, вашите браќа и сестри се и мои браќа и сестри, вашите деца се и мои деца. Да го повторуваме ова секојдневно!

Потребни се ред и дисциплина, рационалност и самоконтрола. И најбитно од се, останете силни. Овој народ од секогаш знаел како да го најде летото во себе и кога зимата била најстудена. Овој народ верува во нашето сонце и кога е темно. Во крвта ни е.

Заедно сме !!!  Да победиме !!!

 

Треба да знаете
Последни објави