Руанда нема да ја одбележи годишнината од геноцидот поради коронавирусот

Граѓаните на Руанда денеска, поради мерките за заштита од коронавирус, нема да ја одбележат 26-годишнината од геноцидот во кој настрадаа повеќе од 800.000 жители.

Секој 7 април во Руанда се одбележува геноцидот, а граѓаните тој ден во голем број го посетуваат Меморијалниот центар во Кигали.

Годинава, со одлука на Владата, ќе останат дома поради забраната за собирање, која се спроведува под надзор на полицијата и војската.

Со одлука на власта, оваа година е забранет и Маршот на сеќавање и бдеењето на националниот стадион, двете најзначајни манифестации со кои се одбележува сеќавањето на жртвите од геноцидот.

Националната комисија за борба против геноцид соопшти дека се забранети групни посети на местата на страдање.

Жителите на Руанда комеморациите и обраќањето на претседателот Пол Кагаме ќе ги следат на телевизија.

Повеќе од 800.000 припадници на Тутси и Хуту беа убиени во 1994 година.

Руанда има 105 потврдени случаи на коронавирус, а вонредна состојба во земјата беше воведена пред две недели. 

Треба да знаете
Последни објави