Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи, Куманово каде што од раководството беше запознаен со активностите кои се преземаат на територијата на Куманово, а кои се насочени кон справување со коронавирусот. ,,Вчера во Куманово на 52-годишна возраст почина И.С., вработен во Министерството за внатрешни работи како полициски службеник на граничниот премин Белановце. Според информациите кои ги добив од колегите, станува збор за лице кај кое во изминатиов период е детектирано присуство на коронавирусот. Во оваа прилика сакам во мое име и во име на Министерството за внатрешни работи да упатам најдлабоко сочувство за загубата пред се до неговото семејството, а истовремено да искажам и почит кон неговата работа и дело, истакнувајќи дека сите ние во Министерството за внатрешни работи изгубивме почитуван колега, пријател и вработен, истакна министерот Чулев.
Тој посочи дека полициската работа бара натчовечки напори , исклучителност и пожртвуваност во извршување на работните обврски. Тоа посебно е изразено и важно во вакви времиња кога државата и граѓаните секојдневно се соочени со предизвикот да го заштитат својот живот и животот на своите најблиски, а токму полициските службеници се тие кои по медицинскиот персонал имаат најголема одговорност.
-Токму затоа во изминатиот период во скоро секое мое обраќање во јавноста апелирав до граѓаните да се воздржат од непотребни излегувања, а како министер за внатрешни работи ги преземав сите неопходно мерки и активности за обезбедување соодветна опрема и заштита на полициските службеници, но и сите останати вработени во Министерството за внатрешни работа, потенцираше Чулев.
Министерот Чулев се заблагодари на граѓаните кои во изминатиот период ги почитуваат мерките и одлуките на Владата и истовремено апелираше до сите оние кои на било кој начин не ја почитувале мерката за ограничување на движењето сериозно да ја сфатат опасноста со која се соочуваме и да ги почитуваат овие препораки затоа што само на тој начин ќе го заштитат своето здравје, а со тоа ќе дадат активен придонес за заштита на колективното здравје на сите нас.
-Основна задача и прироритет на Министерството за внатрешни работи во овој период е заштита на животот и здравјето на граѓаните, а имајќи ги предвид последните податоци кои покажуваат зголемен број на лица кај кои е потврдено присуство на коронавирусот, но и бројката на починати лица сакам да нагласам дека како министер за внатрешни работи инсистирам полициските службеници да постапуваат поригорозно во преземањето на активностите со кои го гарантираат соодветното спроведување на мерките и одлуките на Владата, а со тоа уште еднаш ќе ја потврдиме нашата заложба дека здравјето и животот на граѓаните се најважни, рече министерот Чулев.