Државата е пред колапс, а десетици човечки животи згаснуваат затоа што системот не успева да им пружи заштита на граѓаните. Здравствените работници секој ден се жртвуваат, ризикувајќи ги и сопствените животи без соодветна опрема, а приоритет на владата на Зоран Заев е да печати нови пари со придавката која не беше прифатена на референдум. Бизнисите се затвараат, работници остануваат на улица, а приоритет на владата на Заев е да обезбеди екстра пари за роднините и партиските послушници во СЈО кои го помагаа и премолчуваа рекетот.
Состојбата со епидемијата со Ковид19 зазема алармантни размери. Власта на Заев наместо да танцува со епидемијата мора веднаш да се освести и да почне да превзема одговорни чекори. Граѓаните, здравството и економијата немаат апсолутно никаква корист од ваквите одлуки на владата. Секој ден бројот на заразени рапидно расте, а се зголемува и бројот на починати. Секој денар треба да се алоцира во справување со епидемијата, а особено со последиците кои следат, бидејќи секој живот е важен и секое работно место е важно.
Жалиме што Венко Филипче се претвори во статистичар кој јавно само презентира црни бројки. Тој треба да се зафати со работа и да го организира здравствениот систем. Се повеќе се заразуваат здравствени работници кои се најнеопходни во борбата, бидејќи тие се на првата линија кои се грижат за нашето здравје.
Треба да се организира државата и да ги заштити вработените во здравството, да се набават медицинска опрема и материјали, да се подготват објекти кои ќе бидат алтернатива за болниците и најважно од се да се почне со масовно тестирање, според препораките на СЗО, затоа што на тој начин ќе се превенира лицата кои ќе се открие дека се носители на вирусот да го ограничат дополнително своето движење и на тој начин ширење на вирусот.
Дополнително да се побара хуманитарна помош од нашите меѓународни пријатели и час поскоро да почне да организира набавка на здравствени материјали, како ракавици, маски и скафандери за граѓаните и здравствените работници. Чекорот на нашите пријателски земји Унгарија и Словенија и нивните донации не смее да престане. Секој од нас треба да ги искористи контактите и ваквата помош треба да доаѓа од секоја страна која е во можност да помогне.