Извоз од 1,074 милијарди долари во јануари и февруари годинава, пад од 0,2 проценти

Во првите два месеца од годинава вкупната вредност на извозот на стоки од нашата држава изнесува 1.074.461.000 долари и бележи пад од 0,2 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во јануари  и во февруари годинава, изнесува 1. 441. 472.000 долари што е за 1,4 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во првите два месеца од годинава, изнесува 367.011.000 долари, објави Државниот завод за статистика.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-февруари годинава, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, нашата држава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

Треба да знаете
Последни објави