Со оглед на брзиот раст на заболени од коронавирусот, британските лекари упатиле на одреден број постари пациенти со сериозни заболувања да потпишат документ со кој се откажуваат од правата на реанимација во случај да заболат од коронавирусот.
Во писмото се вели дека оние што го примиле треба да пополнат образец со кој потврдуваат дека се откажуваат од правото на оживување доколку нивната состојба, веќе сериозна поради хронични и тешко излечливи болести, станува комплицирана како резултат на коронавирусот.
„Нема да ве оставиме, но мора да бидеме искрени и реални“, се вели во писмото.
Лекарите во болницата во Мастег во Велс изјавиле дека има придобивки од пополнување на формуларот – прво, ако нивната состојба се влоши поради ковид-19, нивниот доктор, пријатели и семејство би знаеле дека не мора да повикаат брза помош, и второ, оскудните медицински ресурси може да им се дадат на младите луѓе и на оние со поголема шанса да оздрават.
Еден пациент рекол дека писмото влијае да се чувствува безвредно, објави синоќа „Би-би-си“.
Во писмото, исто така, се вели дека лекарите, „во идеални услови“, лично разговарале за тоа, и се определиле за писмото од страв дека оние на кои им било упатено веќе биле заразени со корона, но биле асимптоматски.
Друга пациентка со карцином вели дека писмото го доживеала како „предупредување за смрт“.
Според весникот „Гардијан“, писмото било испратено до мал број пациенти, а лекарите, во меѓувреме, се извиниле.