-Болниците низ САД пријавиле недостиг од тестови и заштина опрема во борбата со коронавирусот и изразиле загриженост за заштитата и здравјето на болничкиот персонал, се дознава од извештај на генералниот инспектор на Министерството за здравство на САД објавен синоќа.
Внатрешната ревизија на министерството дознава дека болниците и здравствените установи се соочуваат со „сериозен” недостиг од тестови и „распространет” дефицит од заштитна опрема потребна за безбедна работа на болничкиот персонал.
Се наведува дека болниците паралелно конкурирале за ограничени залихи на респиратори и хируршки или Н95 маски. Кај повеќе болници некои од пристигнатите владини залихи на маски биле со истечен рок или неупотребливи со изгниени еластики.
Се дознава дека многу болници на САД, за да ги надополнат залихите од потребна опрема за борба со коронавирусот, изнаоѓале други решенија со набавка на материјали онлајн.
Така на пример потребната опрема била купувана од продавници за опремување дом, продавнци за бои, или продавници за авто козметика, но и од салони за убавина, се дознава од извештајот на внатрешната ревзизија на Министерството за здравство на САД.
Ревизијата на владините напори за запирање на вирусот се извршиле од 23 до 27 март, а биле испитани администратори од повеќе од 300 болници и здравствени установи во 46 сојузни држави, во Вашингтон округ Колумбија, и во Порторико.