Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека вонредната состојба во Србија поради пандемијата на коронавирусот, би можела да биде укината во рок од еден месец, но во меѓувреме најави полициски час за време на целиот викенд во Белград и Ниш.
Тој рече дека полицискиот час е сосема извесно да биде воведен овој викенд, од петок наутро и дека оваа одлука ќе важи за Белград, како најголемо жариште на вирусот во Србија, како и за Ниш.
„Најверојатно тоа ќе биде од овој петок, ќе видиме од кога, бидејќи онаа сабота претпладне скапо не чинеше“ рекол Вучиќ, алудирајќи на тоа дека бројни граѓани два викенди претходно го искористиле убавото време и поминале цели денови надвор.
Вучиќ нагласил дека не ја исклучува можноста за воведување на карантин за Белград, кој е и најголемо жариште, нагласувајќи дека за мерката 24-часовен полициски час не мора да оди предупредување 48 часа претходно.
Тој исто така нагласи дека поради кризата со коронавирусот, нема да биде можно семејствата заедно да ги поминат велигденските празници.